Пролет го одработи лесниот „тест“ Работнички

Ракометарите на Пролет немаа поголеми проблеми и како гости во својата сала славеа над составот на Работнички со 32:25, во вториот меч од 5 коло на ракометната Супер лига.

На стартот на мечот се играше гол за гол, а „домашните“ еднаш успеаја да поведат со плус 2, 6:4, но Пролет веднаш возврати за 6:6. Потоа беше и 7:7, па 8:8, 9:9, 10:10, 11:11, по што Пролет за прв пат стигна до плус 2, 13:11. Работнички не се предаваше и успеа да израмни на 13:13, но со серијата од 4:1 до крајот на првиот дел, избраниците на Темелковски отидоа на пауза со предност од 17:14.

Како и на натпреварот со Пелистер, ракометарите на Работнички „паднаа“ во вториот дел, па Пролет константно си го зголемуваше водството. Стигнаа до највисоките во мечот плус 8 во 45 минута, 25:18. До крајот предноста се движеше од пет до седум разлика за конечни, 32:25.

Најдобри во составот на Работнички беа Јордан Јованов со 10 голови, Гајиќ даде 6, а Димовски 5, додека во тимот на Пролет се истакнаа Иван Џонов со 8 голови, и Александар Василевски со 5, додека 4 голови даде младиот Огњановски.