Проектот „Пелистер Еурофарм“ пред финализација, недостига уште потпис

Долго најавуваната фузија меѓу двете екипи од Битола наскоро би можела да доживее реализација бидјеќи останува уште финализирање на последните детали од договорот пред целосно официјализирање на истиот. Веќе е јасно дека двете страни се во последната фаза за комплетирање на договорот и голема е веројатноста најдоцна до понеделник да биде сè готово.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска објави дека денеска би требало да дојде до финализација на договорот бидејќи се разгледуваат последните детали.

„Драфт верзија на договорот веќе е составена. Во таа верзија од другата страна веќе јасно е побарано целосно да се подмирени обврските кои што во моментов ги има Пелистер. Сè што до неодамна имавме како увид на неподмирени обврски, јас како градоначалник го подмирив со соодветна трансакција на средства кои што претходно ги извршив. Меѓутоа има одреден долг кој што содржи нејаснотии, а е услов за да се постигне тоа книговодствено усогласување за да се премине кон конечно потпишување на договорот. Закажана е средба со нашиот партнер во функција на дореализација на договорот, меѓутоа во периодот до денешната наша средба дефинитивно мора во реални документи кои што ја кажуваат фактичката состојба на остварено книговодствено усогласување да биде реализирано , за да се преминеме кон потпишување“, вели Петровска во изјава за ТВ Тера.

После потпишувањето на договорот ќе биде познато и како ќе изгледа тимот на Пелистер во новата сезона со оглед на тоа што засега ростерот на овој клуб е главно со помлади ракометари и дел од поискусните кои останаа во клубот. Својот прв меч од новата сезона ќе го има во вторник против Бутел Скопје на домашен терен, па има време да се комплетира и ростерот за шампионатот кој денеска почнува.