Проблеми за РФМ: Младост нема да игра во Суперлига!

Ракометната федерација на Македонија се најде во неочекувани проблеми пред стартот на новата сезона во Суперлигата. Тимот на Младост, нема да се натпреварува во најквалитетната ракометна конкуренција, со оглед на тоа што не се постигна договор со спонзорот што требаше да влезе во тимот од Богданци, а нема да игра ниту во Првата Лига. Веројатно, Суперлигата ќе се игра со 9. односно 11 екипи кога ќе се приклучат Вардар и Металург, бидејќи кратко е времето за РФМ да реагира и да покани некој од прволигашите да играат во елитата.

Иако во последниот период „дуваа позитивни ветришта“ во некогашниот македонски претставник во европските купови и беше најавено решавање на финансиските проблеми, сепак на десетина дена до стартот на Суперлигата, на официјалниот профил на клубот на Фејсбук, се појави информацијата, дека не само што нема да се игра во Суперлигата, туку дека тимот веројатно ќе биде ставен во мирување. Потврда стигнува и од еден од најпознатите играчи на Младост и поранешен репрезентативец, Митко Стоилов.

„На состанокот што го имавме со управата, ни беше најавено дека нема шанси да играме Суперлига, а мали се шансите, односно никакви, да играме во Првата Лига, што значи дека клубот веројатно ќе биде ставен во мирување.“ – изјави Стоилов за 24Ракомет.