Проблеми за Охрид: Работник и Металург ги „меркаат“ нивните играчи

Проблемите за тимот кој лани напиша убава страница во клупската историја започнаа уште во текот на септември, а сега ја доживуаат кулминацијата. Тоа се одразува и на резултатите во Суперлигата, па Охрид загуби дома од Пролет, а се намачи да стигне до победа во Автокоманда, кај Металург 2.

Охриѓани стартуваа со подготовките на крајот на јули, а оттогаш имаат земено само една плата. Елиминација на холандскиот Волендам ги турна проблемите под тепих, но не за долго. Незадоволството кај играчите расте се повеќе од ден на ден и дел од нив веќе имаат добиено понуди за промена на средината.

Веќе си замина еден од оние кои го носеа товарот во текот на минатата и стартот на оваа сезона, хрватскиот интернационалец Јосип Кежиќ. Тој добил исписница од управата на клубот, без знаење на тренерот Горан Андоновски, што дополнително упатува дека има многу несредени работи. Марко Кобетиќ е повреден, и сигурно нема да игра до пролет.

Дел од македонските клубови не седат со скрстени раце, па веќе се пуштија во „лов“ на дел од македонските играчи што настапуваат во Охрид. Металург е многу блиску до постигнување договор со искусен играч од тимот на Горан Андоновски, а Работник исто така „пикира“ тројца ракометари кои играат во одличн форма.

Играчите и тренерот добиле ветување од новиот градоначалник на Охрид, дека работите ќе останат какви што се, односно дека до Нова Година, играчите ќе ги добијат заостанатите плати и дека нема да има „кастрење“ на буџетот, но времето тече, а свеќата догорува, па на потег е управата која треба да ги реши сите проблеми и Охрид да продолжи да чекори по убавата патека.