Прилеп со важни бодови заминува од Скопје

Во рамките на 13-то коло од македонската Супер лига, составот на Пролет во Скопје ја пречека екипата на Прилеп во борба за четвртата позиција на табелата во македонскиот шампионат. Прилепчани обезбедија значајни бодови по шеесет минутна борба и со резултат 27-30 се зацврстија на четвртата позиција во националното првенство, последното место кое води во плеј-оф завршница.

Двете екипи одиграа интересен и неизвесен натпревар во кој ниту една од екипите не можеше мирно да ја проследи завршницата на натпреварот. Домаќините имаа минимална предност и иницијатива во првиот дел од полувремето, точно на средината Прилеп го превзеде водството но не успеа да создаде поконкретна предност. Со израмнета игра се заврши првото полувреме,а двете екипи на пауза заминаа со резултат 14-14.

Први до два погодока предност на овој дуел дојдоа гостите преку Јанчев (33′ , 16-18). Но тоа не беше гаранција за победа бидејќи во наредните две минути составот на Темелковски возврати и со серија од 3-0 повторно ја врати контролата над резултатот во свој посед. Неизвесноста траеше до 50-та минута кога попушти концентрацијата на домаќините кои дозволија ракометарите на Прилеп да ја достигнат највисоката предност од +4 (21-25).
Во последните 10 минути од натпреварот Пролет се обиде да извлече барем бод од овој дуел, но грешките во нападот не им дозволија да се доближат на помалку од 2 погодока разлика. Јанчев стави точка на овој дуел за конечни 27-30.

Токму Јанчев беше најпрецизен ракометар во составот на Прилеп со 7 голови, колку што постигна и Орјоникидзе, а најпрецизен на теренот беше Александар Василевски со 11 погодоци, недоволни за неговиот тим да избегне пораз.

Пролет веќе во среда ќе има можност да го превземе четвртото место од Прилеп доколку го совлада составот на Пелистер во заостанатиот меч од македонскиот шампионат.