Прилеп лесна задача за Металург

Во вториот натпревар од седмото коло во македонскиот ракометен плеј-оф, актуелниот шампион Металург во Автокоманда убедливо ја совлада екипата на Прилеп.
FLP_5351
Одличната одбрана предводена од Никола Митревски, беше главната причина ракометарите на Прилеп првиот гол да го постигнат по осум минути игра. Сепак бројните технички грешки во нападот на „сино-белите“ овозможија скромна предност од 2-0. Две минути беа потребни за ракометарите на Прилеп да го израмнат резултатот, а неизвесноста траеше до 16-та минута. Со промената на голманската позиција, во средината на првото полувреме ракометарите на Металург направија серија од 4 голови во низа како најава за конечната победа. Највисоката предност во првиот дел, Металург ја создаде во последната минута преку Ојлески за 14-7, до звукот на сирената гостите постигнаа уште еден погодок за конечни 14-8.
FLP_5395
По еден прецизен удар од седум метри на двете страни, први гол од игра постигнаа ракометарите на Металург со атрактивна завршница на Гоце Ојлески за 16-9. Истиот ракометар постигна погодок и во следниот напад, а Голубовиќ ја заврши серијата на Металург за девет голови предност 18-9 во 38-та минута. За првата двоцифрена предност Металург почека до 46-та минута кога Бојан Маџовски го постигна својот прв гол, а дваесет и втори за домаќините. Костески за прв пат на натпреварот ги постави највисоките единаесет голови разлика во 52-та минута, а истиот ракометар стави точка на оваа средба за конечна победа на Металург од 30-20.
FLP_5302
Најпрецизен во редовите на Металург беше Дарко Џукиќ со седум погодоци, Ојлески постигна шест, а Костески пет. Во гостинскиот состав Бозаровски седум пати стрелаше прецизно.