Прилеп ги освои бодовите дома, ниту Димитриевски не го спречи поразот на Борец

Ракометарите на Прилеп запишаа нова победа таму каде што се најсилни, на домашно тло. Избраниците на Томе Петрески го победија составот на Борец со 33:30, во натпревар во кој гостите ниту еднаш не водеа, иако беа засилени со повратникот Дарко Димитриевски.

Домашните тргнаа со водство од 5:2 на стартот, но велешани се вратија во натпреварот и израмнија на 8:8. Потоа беше и 9:9, пред повторно да попушти концентрацијата кај ракометарите на Борец, па Прилеп се одлепи на 14:10, а на пауза замина со предност од 16:13.

Ништо особено не се промени на стартот на вториот дел, иако велешани во неколку наврати се доближија на два разлика. На петнаесетина минути до крајот предност на Прилеп достигна највисоки плус 6, 28:22, но кога Борец се обиде да игра еден вид на полупресинг успеа да намали на 30:27. Но тоа беше се од велешани, по што Прилеп искусно го приведе мечот кон посакуваниот крај за конечни 33:30.

Најдобар во домашниот состав беше грузискиот интернационалец Теимураз Орјоникидѕе со 9 голови, а исто толку за Борец постигна и Бобан Андовски, додека Дарко Димитриевски со 6 голови беше втор стрелец во велешкиот тим.