Прибак задоволен од пречекот и резулатот: Победата ни ја донесе нашиот голман

Немања Прибак си заминува од Скопје со победа против Металург и со одлична игра. Тој имаше добар натпревар во кој Бешикташ покажа дека може да се надигрува со „металурзите“.

„Пресуден за победата беше нашиот голман кој одбрани многу зицери особено на почетокот. Тоа ја направи разликата. Металург имаше нерешено на одмор, но во вториот дел имавме десетина минути подобри. Се работи за две екипи на исто ниво, но ние имавме повеќе среќа“, коментираше Прибак.

Тој пред средбата изјави дека Лигата на шампионите е во втор план, но денеска одиграа одлично на теренот.

„Јас никогаш не давам лажна слика. Изјавив дека ни е поважно првенството на Турција. Сега има неколку силни екипи. Ние играме во Лигата на шампионите најдобро што можеме. Не играме 70 посто туку секогаш на 100. Денеска се виде дека она што го прикажавме беше доволно“.

Следуваат месеци во кои ќе треба да се брка форма за ЕП, а Прибак е свесен дека конкуренцијата е голема.

„ За Европското првенство ќе треба да разговараме со Раул и со некои од другите ракометари. Деновиве се видов со Столе и ќе видиме како ќе биде. Мило ми е што сум тука и што добив аплауз на почетокот на средбата бидејќи секогаш ми е драго кога сум во Скопје“, изјави Прибак.