Претседателката на Металург со жестока реакција: Ми ги тепавте децата, а тоа боли да се гледа…

Тимот на Металург загуби со 31-30 на гостувањето во Нови Сад кај српскиот шампион Војводина во рамките на 9. коло во СЕХА лигата. Македонскиот вицепрвак и неговата претседателка Зорица Блажевска реагираат на грубата игра на домаќините, која што во повеќе наврати не била санкционирана од хрватските арбитри Циндриќ и Горужек.

Неколку ракометари на тимот од Автокоманда заработија полесни повреди, а Томи Јагуриновски има пукната аркада.

Блажевска се огласи на нејзиниот Фејсбук профил и напиша:

„Можевте и со две топки да играте и голови да даваат судии, делегати и публика…веќе ништо не ми беше важно. Вие удривте по нешто свето, вие ми ги тепавте децата и тоа болеше да се гледа. Сме губеле и по 10 разлика, но во ракометен натпревар. Овде изгубивте вие! Но, има нешто по што не можете да удрите, светлата иднина на тимот! Уште посилен Металург!“, напиша претседателката на Металург.