Прес конференции на Вардар и Загреб пред утрешниот меч во СЕХА лигата

Утре (вторник, 30 септември) во 20:15 часот, Вардар ќе биде домаќин на РК ППД Загреб Загреб во дерби натпреварот од петтото коло на СЕХА Гаспром Јужен тек лигата. Покрај атрактивноста која традиционално ја носи овој натпревар, утрешниот дуел ќе има и посебно емотивно значење за сите љубители на “црвено-црната” боја, бидејки Вардар ќе го одигра последниот официјален натпревар во своето “златно” Кале. Ова простување ќе биде збогатено со прусуството на човекот кој пет години од својата тренерска кариера беше на чело на Вардар, човекот кој стана икона на сите вардарови навивачи, Веселин Вујовиќ. Како што е познато тој го превзеде кормилото на РК ППД Загреб и на утрешниот натпревар ќе биде на клупата на хрватскиот состав. По тој повод двата клуба( во Загреб и Скопје) одржаа прес-конференции на кои ги искажаа очекувањата за утрешниот натпревaр.

Раул Гонзалес (тренер, РК Вардар):

Сигурно дека ова нема да биде лесен натпревар, бидејќи Загреб е квалитетна екипа, а тоа го докажаа со победата против екипата на Кил во Лигата на шампионите. За нас ова е значаен натпревар и сакаме да ја продолжиме победничката серија. Тие сега имаат нов тренер, Веселин Вујовиќ кој што ја промени играта во одбраната и сега играат 5-1. Сепак, ние го совладавме дома Металург, очекувам и сега да славиме затоа што ни требат овие три бода, за полесен пласман на завршниот турнир.

Игор Карачиќ ( централен бек, РК Вардар):

Мора да признаам дека според тоа што го одигравме против Целје, не ја заслуживме победата на тој натпревар, но се надевам дека ќе ја поправиме нашата игра на следниот дуел против Загреб. Хрватскиот тим сега е предводен од поранешниот тренер на Вардар Вујовиќ, и сигурно е тоа дека не очекува тежок натпревар. Загреб повторно сака да се врати на врвот во Европа, а тоа го докажа со натпреварот против Кил, кога успеа да го совлада германскиот великан во првото коло од ЛШ. Ние мора да одиграме максимално сконцентрирано на овој меч и да ги избегнеме грешките од мечот против Целје.

Веселин Вујовиќ ( тренер, РК ППД Загреб):

Сеуште не успеавме да се опоравиме од позитивниот шок кој го доживеавме по победата над Кил во ЛШ, а и физички сме доста исцрпени. Тоа не ја намалува нашата желба да го дадеме својот максимум против Вардар и да покажеме дека победата против Кил не беше случајна. Вардар е одлична екипа која оваа година доведе неколку светски ракометни ѕвезди. Еден ден пред нас и тие имаа тежок натпревар против Целје во кој Арпад Штербик уште еднаш ја демонстрираше својата светска класа, и го однесе својот клуб до победа. Знаеме дека салата ќе биде преполна и дека ќе има прекрасна атмосфера, и сакам моите играчи да научат да победуваат и во таква атмосфера. Мислам дека шансите се подеднакви за двете екипи.

Илија Брозовиќ ( пивот, РК ППД Загреб):

Треба да ја спуштиме топката на земја и после големата победа над Кил да одиграме најдобро што можеме во Скопје. Тоа е воопшто едно од најтешките гостувања, но ако играме како против Кил тогаш имаме шанса да направиме изненадување. Како што напомена тренерот, на секој натпревар мораме да му пристапиме на тој начин, и да си докажеме прво сами на себе а потоа и на сите други дека победата против Кил не беше случајност.