Пресметка број 13: Вардар ја бара втората победа против Барселона

Двобојот меѓу Вардар и Барселона е дерби на 5. коло од Лигата на шампионите и средба која ќе го даде лидерот во групата А. Полуфиналистите од последниот фајнл-фор во Келн и од Супер глоуб турнирот во Катар сега имаат нова пресметка која им е вкупно 13. во заедничката историја.

Вардар успеа да победи само еднаш на овие пресметки и тоа во Келн. Во Скопје досега има едно реми коешто се случи во 2013 година во „Борис Трајковски“. Другите десет беа во корист за клубот којшто има убедливо најголем број на трофеи во историјата на клупскиот ракомет.

Тренерите на двата клуба се во тешка позиција. Нема што да сокријат еден од друг, а воедно треба и да ја најдат најдобрата тактика. Раул Гоналес и Чави Пасквал се познаваат одлично така што денеска ќе има што да се види на теренот. Претстои тешка средба и тука дефинитивно ќе се види кој е поголем мајстор.

Ако се земат предвид само дуелите од оваа година тогаш резултатот е 1:1. Тимот што победуваше во полуфиналната пресметка на крајот освојуваше и титула. Сепак, сега се работи за меч во групна фаза, а таму влогот е поинаков бидејќи има и поправен.

„Играме против Барселона, која е најголем противник во групната фаза. Нашиот противник има играчи со големо искуство, кои знаат како да играат на вакви натпревари. Одбраната мора да функционира на вистинско ниво ако сакаме да победиме. Голманот Перез де Варгас е голем адут на Барселона. Се работи за многу добар голман и треба да бидеме концентрирани во нападот. Мора да добиеме поддршка од трибините бидејќи двете екипи се на исто ниво и затоа очекувам многу тежок натпревар, но верувам во тимот и во нашите навивачи и мислам дека имаме шанса за победа“, изјави Раул Гонзалес на пресот пред мечот со Барселона.

Неговиот сонародник, кој е на клупата на Барселона, Чави Пасквал не препушта ништо на случајот и е многу внимателен пред пресметката со Вардар.

„Гостуваме кај актуелниот Европски првак и свесни сме колку е тешко кога се игра против тимот кој ја брани титулата. Вардар е екипа која секогаш игра квалитетно. Има играчи кои знаат одлично да го држат нивото така што ќе мораме да бидеме внимателни. Особено ќе мораме да внимаваме во играта еден на еден“.

Тој смета дека победата на Барселона во Катар нема никакво значење и дека сега ќе се види вистинскиот квалитет на двата тима.

„Мечот од Супер глоуб беше еден поинаков дуел. Се работеше за почеток на сезоната кога имаше многу осцилации во играта. Тој натпревар не е мерило за она што не очекува денеска. Ќе мораме да бидеме на максимум во текот на сите 60 минути доколку сакаме позитивен резултат на оваа средба“, изјави Чави Пасквал.

Ова е меч кој почнува од 17:30 часот, а истиот е под број 13 во заедничките пресметки на кои Вардар ќе се обиде да дојде до вториот триумф против Каталонците односно вториот во третиот меч годинава.