Премиерна победа на „новиот“ Вардар за старт на уште една „трка“ во СЕХА

На првата средба во новата сезона во СЕХА лигата која беше одиграна на домашен терен составот на Вардар дојде до лесна победа од 37:23 против Пекинг Спорт Универзитет од Кина. Противникот не беше закана за победата на вардарци и во ниту еден момент немаше проблеми за „црвено-црните“ да го остварат планот и да тргнат во сезоната со бодови.

Уште на почетокот на средбата се виде дека Вардар е далеку поквалитетен иако не е во комплетен состав. Ракометарите тргнаа одлично од првата минута и брзо дојдоа до 6:2. Овие четири гола лесно беа зголемени до седум во 20. минута кога резултатот беше 14:7.

Тука дојде до мало опуштање односно стагнирање кога е во прашање зголемувањето на водството, па до крајот на првото полувреме без посебно форсирање само беа одржани седумте гола предност.

Вториот дел од натпреварот беше формалност. Шанса добија сите, и успеаја без проблеми да го одработат она што им беше зададено од тренерот. Имаше грешки, но главно во брзањето некогаш да се шутира на празен гол или во обидот да се дојде до брза реализација. Сепак, ова е натпревар на кој само се виде дека вардарци ќе бидат на ниво и во новата сезона.

Конечните 37:23 се доказ дека шампионот на СЕХА и на Лигата на шампионите го очекува уште една убава сезона во двете натпреварувања.

ВАРДАР – ПЕКИНГ СУ  37:23 (19:12)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 1000. Судии: Матија Губица и Борис Милошевиќ од Хрватска. Делегат: Јосип Посавец од Хрватска.

ВАРДАР: Гедбан 0/1(12 одб., 1 сед), Кизиќ (3 одб., 1 сед.), Кукуловски 1/1, Димитриоски 6/9, Гашоски 1/1, Кристопанс, Карапалевски 1/2, Сикошек Пелко 2/4, Дисингер 5/6, Атман 6/6, Чупиќ 5/8, Горбок 1/2, Шишкарев 6/7, Горпишин 3/4.

Седмерци: 2/5, Исклучувања: 2 мин.

ПЕКИНГ СУ: Лиу (5 одб., 1 сед.), К. Хе, Ку. Ванг, Јиа. Жанг 1/6, Ж. Хе, Кси 8/10, Ј. Ванг 3/6, Ху, Гу 2/5, Хуанг 4/6, Чао 0/1, Кс. Ванг 1/1, Ченг 1/1, Јун. Ванг 1/6, Јиан. Жанг 2/2.

Седмерци: 3/5, Исклучувања: 8 мин.