Преку средба со медиумите започна официјалниот дел од Фајнл Фор турнирот во Келн (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Сѐ оди според планот во еден од најстарите градови во Европа. Континенталната ракометна куќа се погрижи за сите детали пред почетокот на завршниот викенд во Лигата на шампионите. Откако вчера пристигнаа сите екипи и новинари, денес ред дојде на дружењето со претставниците на медиумите, кои тука ги има во огромен број.
Во хотелот Радисон Блу на еден километар од Ленксес Арената, каде се сместени сите ракометари, се одржа средбата со медиумите, а фоајето беше претесно за да ги собере сите новинарски екипи. Иако ниту еден тим од Балканот не се пласираше на завршниот турнир, балканските земји имаат свои медиумски претставници, екипите на Хрватската Радио Телевизија, регионалниот спортски канал Арена Спорт, Нова ТВ и Ал Џезеира Балкан се меѓу стотици новинари кои од утре до недела ќе му дадат поголемо значење на најзначајниот ракометен настан на годината- Фајнл Фор турнирот во Лигата на шампионите.
Меѓу големите новинарски куќи секако доминираат Германците, а сите поголеми светски телевизиски мрежи ќе ја покриваат завршницата на најквалитетното клупско ракометно натпреварување.
Екипата на 24Ракомет е дел од оние кои ќе имаат шанса на читателите од местото на настанот да им ја пренесат атмосферата од Ленксес Арената во Келн.
Покрај дружбата во фоајето на Радисон Блу, сите тимови на програмата имаа еден тренинг. Спортските сали во кои се одржуваат тренинзите се во радиус од 8 километри од главната арена, а организираниот превоз за сите медиуми овозможува да се почуствува дел од натпреварувачката атмосфера пред самиот почеток на Фајнл Фор турнирот.
Работниците веќе ги прават своите последни подготовки пред утрешниот полуфинален ден, се местат транспаренти, забавни реквизити, бини и оддели за храна и пијалоци околу најголемата арена во Германија. Најава за голем спектакл и увертира за нови ракометни возбудувања овој викенд…
Како помина првиот ракометен ден, и дружењето со претставниците на медиумите можете да погледнете преку фотографиите на 24Ракомет.

[Best_Wordpress_Gallery id=”115″ gal_title=”Final4 Keln Media Den”]