Прекината успешната серија на Металург 2, Охрид ја „преживеа“ Автокоманда

Ракометарите на Охрид славеа над Металург 2 со 31:29 во последниот натпревар од 4 коло во Супер лигата. Иако домашниот тим беше во одлична серија и забележа две победи и едно реми во досегашните три натпревари, сепак искусниот гостински тим успеа да ја прекине низата на избраниците на тренерот Петровски.

Гостите на стартот на мечот го диктираа темпото, водеа цело прво полувреме, најчесто со два до три гола разлика и лесно реализираа најчесто од левата страна, преку крилото Андоновски и бекот Младеновски. Охриѓани го добија првиот дел со 17:13.

Вториот дел започна во слично темпо како што заврши првиот. Гостите искусно ја чуваа предноста, водеа со 19:16, 22:18, 24:20. Но во финишот не беше се како подмачкано за нив. Домашните намалија на 25:23, а потоа и израмнија на 26:26, дури успеаја и да поведат со голот на Горан Крстевски во 54 минута со 27:26. Беше уште два пати нерешено 28:28, и 29:29.

Искусниот гостински состав сепак се спаси во последната минута и ја искористи брзоплетоста на домашните ракометари. Охриѓани постигнаа два гола за шеесетина секунди за 31:29, преку Крсте Андоновски и голманот Благојче Трајкоски кој погоди од гол на гол. Најдобри кај гостите беа Андоновски со 7 голови и Јанев со 6, додека во домашниот тим се истакна Крстевски со 11, а Димитриоски додаде уште 6.

Фото: ohridnews.com