Пред дуелот со Вардар Јурецки порача: „Се враќам!“

Македонскиот шампион Вардар по неочекуваниот пораз во Скопје од Рајн Некар Ловен ќе има тешка задача да ја задржи првата позиција во групата Б на гостувањето во Киелце. Актуелниот европски шампион имаше сериозни проблеми со одржување на формата откако пред почетокот на сезоната им се повреди клучниот играч и моторот на екипата Михал Јурецки.
Јурецки заработи повреда на олимпискиот турнир во Рио во натпревар меѓу Полска и селекцијата на Египет, а иако првичните прогнози беа охрабрувачки, сепак централниот бек на Киелце на почетокот на септември мораше да замина на операција на лигаментите на скочкиот зглоб.

Најоптимистичките најави говореа за двомесечно отсуство од терените, а веќе по три месеци на 1 декември 32-годишниот плејмејкер доби зелено светло за враќање на теренот. Тој тренира со својата екипа и како што вели ако сè биде како што треба повторно ќе и помогне на својата екипа токму на дуелот против еден од најнезгодните противници во групата, екипата на Вардар.

Среќната вест за фановите на Киелце тој ја сподели на својот фејсбук профил со пораката:
Тукушто ги добив резултатите од тестовите и медицинските консултации. Моето стопало е 100% функционално. Се враќам на тренинг под полна пареа и ако се биде како што треба, во недела се враќам во игра!
Не можам да дочекам повторно да истрчам на теренот во „Хала Легионов“ и на натпревар од Лигата на шампионите.