Пред дербито во Скопје, тренерите согласни: Охрид е фаворит, но борбеноста ќе донесе бодови

Дерби дуелот од 1. коло во Супер машката лига се игра вечерва во салата „Македонско сонце“ во Скопје. Тимот на Пролет го пречекува составот на Охрид, а ова ќе биде дуел исто како и на почетокот на минатата сезона.

Во 1. коло лани Пролет победи со 28:24, но во однос на тој дуел денеска Манасков ќе биде во дресот на Охрид, а во тимот ќе ги нема и Кимевски и Трајковски кај Пролет. Сепак, тука е репрезентативецот Мартин Поповски, кој доаѓа од Вардар после две освоени титули во Лигата на шампионите.

„Охрид на оваа средба доаѓа како фаворит и одлично пополнет на секоја од позициите. Ова ќе биде многу потешка средба од онаа лани, но ние ќе се обидеме мотивирано да влеземе на овој меч и да го дадеме максимумот. Годинава она што ќе не краси е тимската игра. Ќе се обидеме како тим да одиграме и да покажеме дека можеме да се надигруваме. Сепак, на овој дуел предноста е за Охрид кој е благ фаворит“, вели тренерот на Пролет, Матлиески за 24 Ракомет.

На теренот ќе нема и дел од играчите на Охрид кои лани играа за овој тим во „Македонско сонце“. Сепак, охриѓани ангажираа неколку интернационалци така што ова ќе биде максимално интересена средба.

„Пролет е ослабнат во однос на минатата сезона. Манасков сега е кај нас. Охрид е посилен од лани на голманска позиција имаме два добри голмани. Мислам дека денеска ќе победи оној што ќе биде поборбен на теренот. Нема да биде воопшто лесно. Пролет е незфгоден противник. Сепак, ние играме на гостински терен и денеска немаме што да загубиме“, рече тренерот на Охрид, Раде Стојановиќ за 24 Ракомет.

Средбата почнува од 19 часот, а се игра во салата „Македонско сонце“ во Скопје.