Предупредување за Вардар: Ѓер го положи оружјето пред ФТЦ

По лесниот дуел против Ларвик што ќе се игра претстојниот викенд во Скопје, ракометарките на Вардар ги чека незгодно гостување во Будимпешта кај ФТЦ. Унгарскиот вицепрвак во домашниот шампионат славеше над шампионот Ѓер со 27:25 и ова треба да биде предупредување за вардарки дека нема да поминат лесно како на ланскиот меч, кога славеа убедливо.

Ѓер отвори со 0:4, па 1:5 и мислеа дека ќе биде лесно, но до крајот на полувремето домашните стигнаа до реми 11:11. Во вториот дел се распадна играта на шампионот и ФТЦ поведе со 4 плус, 16:12, 20:16, а во овој период гостините промашија три пенали. Сепак, стигнаа до 21:21, но ФТЦ уште еднаш нападна со сите сили и стигна до 24:22, односно до конечна победа со 27:25.

Во домашниот тим се истакнаа Ковачич и Пена со по 8 голови, 4 даде Јовановиќ, додека кај Ѓер најдобра беше Аморим со 5, а по 4 пати стрелаа Офтедал, Гербиц и Морк.