Преглед 5.коло, група Д: Аргентина првото изненадување, Русија во Президент купот

Во последното коло од групната фаза, во Ал Ахли Арената во Доха, Аргентина ја порази екипата на Русија и си обезбеди место во 1/8 финалето.
Група Д
Русија 27-30 Аргентина (16-17)

По почетното водство на Аргентина од 1-4, Русија преку Чипурин, Шишкарев и Атман го изедначија резлутатот на 5-5 во 10-та минута. Но Русите имаа сили за повеќе, Шишкарев го донесе првото водство на натпреварот за „зборнаја“, а Атман ги одведе на два гола предност 7-5 во 12-та минута. Највисоката предност Русите ја имаа во 15-та минута со погодокот на Шишкарев за три голови разлика 9-6.
Кога Русите веќе се видоа во 1/8 финалето, серија технички грешки и посериозниот пристап на одбраната на Аргентина го одведоа натпреварот во неизвесно продолжение. Браќата Симонет беа прецизни за ново водство на „сино-белите“ 11-12, а Фернандез го врати сигурното водство на Аргентина од два гола 11-13. До крајот на првиот дел, Русија го намали резултатот на минимални 16-17.
Вториот дел понуди повозбудлив ракомет, двете селекции беа свесни за значењето на победата. Во првите петнаесет минути се играше гол за гол, а двете репрезентации се менуваа во водство. Клучниот моменет на натпреварот се случи во 45-та минута кога Игропуло по прекршокот над Себастијан Симонет заработи исклучување на две минути при резултат 23-23. Кулешов се обиде во играта на Русија да внесе ракометар-маркер, тактика која не се покажа правилна. Аргентинците со погодок од седум метри и брза контра се одалечија на два гола разлика 23-25, а за пласман во 1/8 финалето за Русија единствена опција беше победа. Во продолжение Житников и Дибиров направија грешки во нападот на Русија, кои беа казнети со два гола во низа за Аргентина и највисоко водство од +4 во 50-та минута, 23-27.
Аргентиците рутинирано го доведоа натпреварот до крај за конечни 27-30.
Аргентина во 1/8 финалето ќе игра против репрезентацијата на Шведска или Франција, кои ќе го одлучат победникот во Група Ц во меѓусебениот дуел кој се игра вечерва.