Преглед 3. коло, група Ц: Франција-Исланд

По прикажаните игри во подготвителниот период нерешениот резултат на Франција со Исланд, може да се окарактеризира како изненадување, но реномето на двете репрезентации не дозволува да се потцени резутатот на Исланд против актуелниот европски и олимписки првак.

Група Ц
Франција 26-26 Исланд (12-14)

Французите добро го започнаа натпреварот и преку непогрешливиот Никола Карабатиќ (4 гола од 4 обиди) до 13 минута го одржуваа водството од два гола позитива, 6-4. Но Исланѓаните предводени од одличниот чувар на мрежата Густавсон, како и од својата прва ѕвезда Палмарсон (4 гола) успеаа комплетно да го свртат резултатот во своја полза и да дојдат до +3, 8-11 на пет минути до крајот на првиот дел. Французите се обидуваа да се вратат во игра и со првиот гол на Порте успеаа да стигнат на минимална негатива 12-13. Tочка на првото полувреме стави Петерсон за водство од 12-14 за популарните “рибари”.
Вториот дел понуди поголема возбуда, Исланѓаните за две минути игра го зголемија водството на плус четири, но две минути беа потребни за Франција да направи серија од 4-0 за прво израмнување на резултатот на 16-16. Петерсон беше ракометарот кој ги предводеше Исланѓаните во 40-та минута повторно да го достигнат највисокото водство од три разлика 18-21. По пет минути безидејна игра во нападот на Исланд, дуото на Барселона, Сорендо и Карабатиќ ја врати минималната разлика, а Нарцис го изедначи резултатот на 21-21.

Во последната четвртина од натпреварот Франција влезе со првата предност благодарение на Карабатиќ, а на пет минути до крај Франција поведе со два гола предност кои не беа доволни за победа. По одличните асистенции на Палмерсон, Гунарсон и Халгримсон ги поставија конечните 26-26.
Најпрецизни во редовите на Франција беа Никола Карабатиќ со 6 и Сидрик Сорендо со 5, кај Исланѓаните најдобри беа Палмарсон и Халгримсон со по 5 постигнати погодоци. Франција ја очекува репрезентацијата на Шведска во борбата за прво место, а од тој дуел на Швеѓаните им е доволен и бод. Исланд шансата да се пласира меѓу последните 16 ќе ја бара во наредните две кола.