Преглед на 21.коло БУНДЕСЛИГА: Магдебург и Вецлар ја одбранија честа на домаќините

Изминатиов викенд продолжија ракометните возбудувања во најсилната ракометна лига на светот, германската БУНДЕСЛИГА. Се одиграа 6 натпревари и се постигнаа следниве резултати:
Битигхајм-Лемго 22-34,
Домашниот тим не беше на рамниште на расположениот гостински состав на Лемго. Евидентно во првото полувреме, кога резултатот гласеше 7-16 за гостите. Кај Лемго најефикасни беа Тим Хорнке и Патрик Зикер со по 6 погодоци. Додека кај домашниот тим Кирвелиавичиус застана на 5 голови. Лемго е во опасната зона, додека Битигхајм е закован на дното со 7 бодови.
Фризенхајм-Фленсбург 23-27,
Maтиас Андерсон продолжи таму каде застана во Катар, со одличните 11 одбрани на голот на Фленсбург покажа дека годините не се проблем за ракометните голмани од врвен калибар. Кај победничкиот тим, десното крило Ласе Сван постигна 7 голови додека средниот бек-Томас Могесен постигна гол помалку. Очекувана победа за фаворитот.
Магдебург-Гумерсбах 33-28,
Голманот Лихтлајн за гостите кои се на средината од табелата, се истакна со 15 одбрани и врвни паради, но ќе остане запаметен по големиот кикс кој го направи радувајќи се на една од интервенциите. Левото крило Австриецот Сантош беше прецизен 8 пати, а Јулиус Кун постигна 7, но сепак сето тоа беше недоволно за бодови. Домашниот состав со тимска игра и 9 расположени стрелци, предводени од Гравенхорст кој постигна 9 голови, ја однесоа победата на овој динамичен и отворен натпревар. Магдебург е четврти на табелата со 33 бодови и сега засега е на позиција која води во ЛШ.
Либек-Хановер 25-25,
Можеби најреален исход е поделбата на бодовите на овој натпревар. Вечер на голманите, Блажичко за Либек нанижа 16 одбрани, додека кај гостите 19 одбрани забележа Николаи Вебер. Меѓу десетте стрелци кај Либек беше младиот Вуко Борозан со 3 голови. Либек во последните 5 одиграни натпревари освои само два бода и е блиску до зоната за преселба во понизок ранг. Хановер за кого настапува македонскиот репрезентативец Филип Миркуловски е на 10-та позиција и полека се доближува до позицијата шест која води во ЕХФ Купот.
Ерланген-Гепинген 24-29,
Само бод ги одвојува домашните од зоната за испаѓање. Гепинген е на 5-та позиција со 26 бодови, иако игра променливо во изминатите натпревари извојува важна победа против слабиот Ерланген кој е на една позиција до опасната зона. Кај гостите, поставената 6-0 зона и Словенецот Примож Прост на голот со одлични 17 одбрани беа клучот за победа, додека Шилер со 7 голови и Мануел Шпат со 6 голови беа предводници на нападот на Гепинген пред 3350 публика. Кај домашниот состав десното крило Рахмел со 9 постигнати голови го покажа својот голем талент.
Вецлар-Хамбург 32-25,
Некогашниот европски шампион игра лошо и моментално е на 11-та позиција. Волф забележа 16 одбрани на голот на Вецлар, а репрезентативното крило на Македонија, Дејан Манасков постигна 4 голови, ракометната легенда Ивано Балиќ не се запиша во листата на стрелците, додека најефикасен на натпреварот беше левиот бек Штефен Фат со 7 голови. Кај Хамбург, Линдберг и Симицу со по 7 голови беа најдобрите стрелци за гостите, но сепак недоволно за бодови.