Преглед на францускиот Куп-1/8 финале

Покрај Бундес лигата, големи ракометни возбудувања во 2015 се случуваат и во најдобрата француска лига, во изминатите неколку дена се одиграа натпреварите од завршницата во Купот на Франција.
Во 1/8 финалните натпревари постигнати се следниве резултати:

Кретеј-Селестат 28-18,
Најслаборангираниот тим во ЛХН забележа сигурна и убедлива победа во која учествуваа Чепреги со 7 погодоци и Мате Шуњич со 8 одбрани, додека на спротивната страна кај гостите се истакнаа Баурегард со 6 и Стеван Вујовиќ со 5 голови зад своето име. Селестат е во опасната зона во лигата, но и во Купот на Франција каде со овој висок пораз ги завршија настапите. Во 1/4 финалето Кретеј налетува на силниот ПСЖ.
Шамбери-Ст.Рафаел 30-24,
Тимот предводен од нашиот селектор Обрван, игра се подобро и подобро, а води битка за излез во ракометна Европа. Освен во лигата (4ти моментално) тие сеуште се во игра за освојување на Купот, каде го елиминира Ст. Рафаел и закажаа 1/4 финален дуел со Иври. На овој натпревар одличната одбрана поставена од Обрван надополнето со ефикасниот напад ги однесе во следната фаза во Купот на Франција.
Младиот и надежен десен бек Александре Трита го потпиша со Шамбери својот прв професионален договор со важност до 2017.
Сесон-Бисонтин 30-20,
Прволигашот кој во Д1 лигата нанижа 4 порази по ред, овојпат во Купот на Франција немаше проблем со послабо рангираниот противник и заслужено победи со високи +10. Добрата одбрана беше предуслов за високата разлика. Гостите ако во 1/16 финалето направија изненадување со елиминацијата на прволигашот Трембле, сега немаа сили за ново изненадување.
Аих-Тулуз 27-33,
Гостите водат грчевита борба во Д1 лигата, каде на последните 5 одиграни натпревари имаат само 1 освоен бод, се борат за опстанок, но во Купот одат понатаму, каде ги чека силниот Монпелје во 1/4 финалната разврска. Аих игра променливо, моментално е на средината од табелата па така Купот беше добра прилика за успех, која сепак не беше искористена. По натпреварот, заменик тренерот Вилтбергер не го криеше разочарувањето од прераната Куп елиминација.
Монпелје-Данкерк 32-24,
Монпелје игра на три фронта, Лигата на шампиони, Д1 лигата каде е на лидерското место, а успешно чекори и во
Купот на Франција. Со расположените врвни имиња во нападот и ротација на сите играчи, како и квалитетната одбрана, уште на полувремето кое го реши во своја полза 17-12 му даде до знаење на противникот дека на овој натпревар победникот е однапред познат, па со сите мисли продолжува кон двомечот со полскиот Киелце во ЛШ, но и домашното првенство.
ПСЖ-Истрес 29-25,
Можеби потешко од очекуваното, но сепак богатиот состав на ПСЖ се чини дека својот ракометен квалитет, го покажа уште на полувремето, 18-14, па така во вториот дел кој заврши 11-11 ја спушти играта на побавно ниво, чувајќи ја енергијата за идните предизвици. Истрес на тренерот Жил Дерот, се чини има тешка задача да обезбеди опстанок во Д1 лигата, но ништо подобро не поминаа ни во Купот на Франција, тимот кој во своите редови има дури 6 странци(Оуксир, Вујиќ, Косановиќ итн…), ги чека, веќе извесно, преселба во понизок ранг.
Есон-Нант 27-33,
Прволигашот на ова Куп гостување, не дозволи никакво изненадување. Па така, на полувремето одржуваше предност од +2(14-16) за да во вториот дел од мечот со квалитетен и разновиден напад го скрши отпорот на послабо рангираниот домаќин. По натпреварот капитенот на Нант, Фелихо истакна дека ова бил тежок натпревар со мотивиран тим од Д2 лигата, но битно е дека одат во 1/4 финалето од Купот на Франција каде ги чека Сесон.
Иври-Нимс 31-30,
Неизвесен натпревар, кој сепак му припадна на домаќинот Иври, кој се бори за опстанок во Д1. Нимс не успеа да ја оправда фаворитската улога, па така во 1/4 финалето од Купот на Франција, Иври ќе се натпреварува со тимот на Обрван. На овој натпревар Иври во вториот дел заигра многу подобро пред се во нападот и го доби со 20-16, иако на полувремето губеа со 11-14. Нападите во целост ги засенија одбраните на овој Куп натпревар.