Преглед на Бундес лига 17-то коло

Квалитетен ракомет низ ракометните арени во Германија и овој викенд.
Бундес лигата секој викенд го потврдува епитетот најдобра лига во Европа и пошироко.Во заостанати натпревари, Европскиот шампион Фленсбург го победи Фуксе од Берлин 36-27. Популарните ‘лисици’ не успеаа да одолеат на нападите на тимот од северот на Германија. Тимот предводен од Вранеш, кој во меѓувреме ја доби наградата најдобар тренер, продолжи со одличните партии и ја забележа 4-та победа по ред.
Во другиот заостанат натпревар, Фризенхајм триумфираше над Лемго со резултат 25-24.
Домаќините ја забележаа и третата победа по ред, односно на тој начин ја потврдија добрата форма во овој дел од сезоната. На спротивната страна, некогашниот квалитетен учесник во еврокуповите-Лемго ја продолжи црната низа порази па така сега се претпоследни на табелата.
Во другите натпревари, од редовното 17-то коло се постигнаа следниве резултати:

Балинген-Гопинген 24-30 (10-ти Декември)

Со избалансирано прво полувреме, но сепак 15-13 за минимална предност на домаќинот. Сепак после девет црни минути(без постигнат гол за Балинген) во второто полувреме кои го решија натпреварот дојде до пресврт.Во интересен натпревар со многу трчање и борба, гостите заминаа со полн плен.

Либек-Гумерсбах 29-31

Во крајно изедначен натпревар, на крајот се радуваа гостите. Домаќините не успеаа во намерата да стигнат до третата победа во низа на домашен терен. Блажичко(9) и Семиш(1) не беа на висина на задачата и имаа вкупно 10 одбрани на голот на Либек, па така тимот на Емир Куртагич на крајот освои цел плен, а тренерот видно задоволен после борбената игра и новите бодови на своето конто.

Мелсунген-Бергишер 40-28

Четврта победа во низа за Мелсунген, за добро расположение и одлично 6 место на табелата и продолжување на сонот за излез во ракометна Европа.Бумхоувер најпрецизен со 8 голови(2 од пенал), додека на спротивната страна Кристиан Нипс со 7 голови но недоволно за Бергишер да освои барем бод од ова тешко гостување.

Фризенхајм-Ерланген 27-26

Трета победа по ред за Фризенхајм, но сеуште во опасната зона. Со прецизни контри и полуконтри домашните ракометари го одлучија победникот. Тренерот на Ерланген, Франк Бергеман призна дека натпреварот го изгубиле во последниот период од брзоплети акции.

Битигхајм-Гeпинген 29-25

Последно пласирана во Бундес лигата, но на својот гол го има одличниот Станич со 18 одбрани на овој натпревар, па така падна одличниот тим на Гопинген, кој високо котира на табелата но кој во меѓувреме нанижа три порази во низа.

Вецлар-Фленсбург 22-22

Вецлар го изненади Европскиот првак, а воедно со ова ја прекина неговата низа од 4 победи. Во натпревар со одлични одбрани на двете страни, домашниот тим предводен од Балич надополнето со талентираниот Липовина одржуваше егал со тимот предводен од Могенсен, Ненадич, Андерсон и другарите. Со овој бод, Вецлар се одржува на средината од табелата.

Магдебург-Минден 28-22

Пет победи во серија, од кои три во низа на домашен терен. Повторно на исто место-ГЕТЕК Арената, каде одзивот на публиката после успесите
е на високо ниво. Па така пред повеќе од 6000 публика домаќините без Графхорст и Куенштед но сепак доволно јаки за тимот предводен од Горан Перковац. Тренерот Перковац, се обиде со повеќе тајмаути, но недоволно да спречи нова победа на големото име на Германскиот ракомет-Магдебург.

Кил-Хановер 34-25

Одличниот Кил со уште една маестрална партија до нова победа во низата, додека за солидниот Хановер кој како да го губи здивот следуваше и трет пораз во последните 5 натпревари. Да се одбележи враќањето на Јиха на ракометните терени кој заедно со голманот Сјостранд и Винчек беа најдобри поединци на натпреварот. За Кил 19-та победа во низа на тимот,но и две години по ред непоразен на домашен терен. Домагој Дувњак после малата повреда на окото беше поштеден од тренерот Гисласон.

Хамбург-Лемго 28-32

Повторно пораз на домашен терен за поранешниот првак на Европа, Хамбург, овојпат од Лемго со 4 разлика. Лемго кој е при дното на табелата односно е претпоследен, овојпат ја прекина низа од 4 последователни порази. Хамбург со 4ти пораз во последните 5 натпревари се наоѓа во кризен период. Пред повеќе од 6800 навивачи Хамбург со нова разочарувачка партија.

Фуксе Берлин-РН Ловен 20-30

Рајн Некар Ловен однесе убедлива победа против популарните ‘лисици’ и тоа на нивни терен. Боб Ханинг од Берлинскиот тим истакна дека победата на РНЛ е сосема заслужена, а коментарот на Јакобсен-тренерот на РНЛ беше во насока дека ова е далеку подобро издание отколку против Ерланген во Вторникот кога изгубија 27-25. Секако и голманот на РНЛ, Ландин беше на висина на задачата.