Преглед на БУНДЕС лига 16-то коло

Ракометниот свет својот интерес за врвен ракомет го насочува кон ЛШ и ЕП за жени што се одржува во Хрватска и Унгарија, но возбудувањата во БУНДЕС лигата продолжуваат, па така и овој изминат викенд имавме врвен ракомет.

Се постигнаа следниве резултати:

Рајн Некар Ловен-Либек 35-25, РНЛ беше повеќе од убедлив против незгодниот гостин, кој овој пат немаше решение за расположените стрелци од РНЛ. Домаќините имаат и најдобар напад во лигата-факт што се потврди и на овој натпревар, додека кај гостите е очигледна малата криза, а манифестирана преку двете последни гостувања на кои забележаа два порази.
Додека во натпреварот одигран порано од предвиденото(на распоред е во 19-то коло), поранешниот Европски шампион Хамбург кој оваа сезона игра променливо беше поразен од Балинген и тоа на домашен терен со 26-28. Иако на полувремето Хамбург имаше солидна предност од 2 голови (17-15). Сепак во продолжението, а благодарение на одличната и цврста одбрана, Балинген прими само 9,
а постигна 13 погодоци, што беше доволно за да го сврти натпреварот и да замине од Хамбург со цел плен, гостите ја забележаа 2-та победа во последните 5 натпревари.

Магдебург-Фуксе Берлин 30-26, Во дербито од горниот дел од табелата, Магдебург славеше над квалитетниот состав од Берлин. Во ГЕТЕЦ арената пред околу 7000 публика се одигра квалитетен натпревар во кој домашните предводени од Роберт Вебер одиграа борбено против ‘лисиците’.По поразот во ЕХФ купот од Нант, Фуксе сеуште ја бара оптималната форма и решение во нападот без Игропуло кој се опоравува во болница по операцијата на слепо црево.
Ерланген-Битигхајм 24-24, Тврд и борбен натпревар со што се потврди дека битката за опстанок во лигата се вжештува. Гостите кои во своите редови го имаат Станиќ на голот, на полувреме имаа високи +4(10-14), но недостатокот од подолга и поквалитетна клупа се одрази на играта во 2-то полувреме. Во изјава по натпреварот, гостинскиот тренер Хофер потврди дека на почетокот од второто полувреме неговите играчи пропуштиле да го решат победникот.

Хановер-Лемго 31-27, Со играта и победата домашните ја продлабочија кризата на Лемго, кој на последните 5 натпревари има 5 порази. Со цврста игра во одбраната уште во почетните 15-ина минути, домашните ставија до знаење дека бодовите остануваат во нивната сала овојпат бодрени од околу 3400 публика.

Гумерсбах-Вецлар 23-21, Малиот број на постигнати голови е одлика на овој натпревар. Особено се истакна голманот на Гумерсбах-Карстен Лихтлајн кој имаше импресивни 21 одбрани кои ја подигаа домашната публика на нозе во ШВАЛБЕ арената.
Бергишер-Фризенхајм 27-30, На полувремето резултатот беше 9-15 и тука се виде дека ракометарите на Бергишер нема да го свртат во своја полза натпреварот кој беше одигран пред нешто повеќе од 2000 публика. Гостите со оваа победа сеуште се наоѓаат во опасната зона за испаѓање но истовремено и покажуваат знаци на ракометна борба за опстанок во БУНДЕС лигата.

Магдебург- Балинген 27-19, 4-та победа во низа и втора во последните три дена(03.12 и 06.12). Уште една гранитна одбрана, која ги искачи на високото 4-то место на табелата со нови два бода. Се истакна голманот на домашните Дарио Квенштед со своите бравурозни одбрани. Додека Балинген продолжува со лошите игри на гостински терен, ова е 4-ти пораз во 5-тиот последователен натпревар на гости.

Гепинген-Мелсунген 26-31, Тренерот Магнус Андерсон после мечот со изјава дека одбраната на тимот воопшто не функционирала. Кај домашните, Момир Рниќ се истакна со 7 погодоци, но тоа не беше доволно да се избегне пораз. Мелсунген е во серија од 3 победи по ред, на дофат на позиција која води до евро-куповите, но до крајот има уште многу и претстојат уште возбудувања.

Минден-Кил 23-32, Рутинирана победа за фаворитот на овој меч иако во добар дел од мечот, домашниот тим се држеше и покрај слабото издание на Козлина. Ова за нив е 4-ти пораз на последните 5 натпревари.
Кај Кил уште еднаш добри партии пружија Кањелас, Вајнхолд и Екберг со борбеност во одбраната, но и со одлични решенија во нападот.

Фленсбург-Хамбург 29-24, Некогаш ова беше дерби, но лошите игри на Хамбург придонесоа да се најде за неколку позиции подолу. Хамбург на последните 5 натпревари има 3 порази. На овој натпревар Драшко Ненадиќ доби нова улога во тимот на Фленсбург, која се однесува на одбрана, но и на нападот. Кај домашните Егерт со 6 погодоци беше најдобар поединец како и Гландорф и Сван, додека Кауфман постигна еден помалку(5). Кај гостите, Линдберг(8) и Махе (6) не беа доволни да се избегне пораз.