Преглед група А: Белорусија-Словенија, 2 коло

Во воведниот натпревар од 2-то коло од групата А на СП во ракомет што се одржува во Катар, Словенците прикажаа уште една квалитетна партија брз ракомет. Особено во нападот Гајиќ делуваше незадржлив и се промовира во еден од претендентите за најдобар стрелец, но првенството е сепак долго. Словенците денеска одиграа одличен натпревар против далеку поквалитетен противник од тоа што беше Чиле на вчерашниот натпревар.

Во првите минути изедначено, последното водство за Белорусите беше 4-3, за во 10-тата минута да следи мини пресврт и 4-5 за Словенците како и 5-6 во 15-та минута. Иако Шпилер доби две минути исклучување, а веднаш после и уште едно исклучување за одбраната на Словенците, тоа не ги поколеба популарните ‘Змајчеки’ па создадоа серија од 5 погодоци во низа за високи 5-11 во 25-тата минута од првото полувреме. Рутенка слаб со 1/4 реализација, неговите удари ги скротуваше одличниот Шкоф со над 50 % одбранети удари и бравурозни одбрани, што резултираше со нова серија за Словенците од 6-3 (Гајиќ имаше неверојатна серија 9/9 и 100 % реализација во првото полувреме), за по 30 минути да се замине со високи 17-8 за Словенците, предводени од одличниот селектор Борис Дениќ. Николенкау беше единствена светла точка кај Белорусите.

На почетокот од второто полувреме, Белорусите растрчани прават 4-1 серија за 4 минути. Но Словенците бргу се стабилизираа и со мини серија од 2-0 ја вратија комотната предност од +8. Во 38-та минута на семафорот стоеше 16-22, но тогаш се случи исклучување за Белорусите и пенал за Словенците за +7 разлика.
Во 45-та минута беше 20-27 со контрата на Шпилер. На другата страна, Рутенка почна да игра подобро, но резултатската предност од 6-7 голови не се промени. Словенците продолжија со квалитетна длабока одбрана и формација 6-0. Во продолжение, Белорусите не се предаваа па така на 10 минути пред крајот се приближија на 24-29, но словенечкиот селектор го врати Миха Звижеј во игра, Словенците се стабилизираа во играта и разликата од 5-6 голови се одржуваше. На крај 29-34, победа за подобрата репрезентација на Словенија.
Најдобри во составот на Словенија беше Шкоф 14 одбрани, Гајич 14 постигнати голови.