Преглед БУНДЕСЛИГА 21. коло: Сигурни победи на Кил и Рајн Некар

По завршување на СП во Катар 2015, продолжуваат возбудувањата во БУНДЕС лигата. На понудата беа 4 натпревари од 21 коло и еден натпревар од 24 коло.
Постигнати се следниве резултати:

Eрланген-Балинген 28-27 Домаќините уште во првото полувреме со постигнатите 16 голови го најавија триумфот со висок процент на прецизни удари. На полувремето се отиде со резултат 16-14, додека во вториот дел три илјадната публика гледаше неизвесен натпревар. Во вторите 30 минути, тимот предводен од Бергеман со дисиплинирана игра како што посочи и самиот тренер, стигна до заслужена победа. Кај победничкиот тим се истакнаа Хес (5) и Словакот Страновски (6) голови.
Балинген-Хановер 31-27 Во својот прв натпревар за новиот тим, Миркуловски не се радуваше, а зад своето име запиша еден погодок. На полувремето се отиде на пауза со минимално водство од 14-13 за домашниот тим. Пред повеќе од 2200 гледачи, домашната екипа предводена од Мартин Штробел и Василакис кои беа најефикасни со по 7 погодоци ја победи новата екипа на македонскиот репрезентативец Миркуловски. Кај Хановер, Кастенинг постигна 9 голови.
Мелсунген-Кил 32-41 Сигурна победа на фаворитот. Иако Паличка и Сјостранд не беа премногу расположени на голот на Кил, сепак врвните имиња во нападот кај Кил постигнуваа премногу голови, па така на овој натпревар броеја до 41. Дувњак со 8 погодоци беше стрелец број еден, а покрај него, сите од тимот се запишаа во листата на стрелците освен Вајнхолд. Кај домаќинот хрватскиот интернационалец Мариќ постигна 7 голови.

Фуксе Берлин-Минден 32-23 Убедлив настап на „лисиците“ од Берлин, во кој Петар Ненадиќ постигна одлични 10 погодоци, а со 16 одбранети удари Штохл блескаше на голот и победата беше загарантирана. На спротивната страна, Свитлица и Шмит со по 5 погодоци не успеаа да ја изненадат осмопласираната екипа во првенството.
Рајн Некар-Бергишер 30-24 Уште една победа му припадна на фаворитот од ова коло во БУНДЕС лигата. Ландин стигна до 17 одбрани, покрај него се истакнаа левото крило и германски репрезентативец Геншајмер со 6 и десното крило Грецки со 5 голови. На спротивниот гол, Марио Хуншток запиша 16 одбрани (и едно исклучување од 2 минути), но недоволно за изненадување.