Прв пораз за “црвено-жолтите”: Хрватска ја совлада Македонија и го обезбеди првото место во групата Б

Во напреварот за првото место во групата Б, репрезентацијата на Хрватска и го нанесе првиот пораз на нашата репрезентација со резултат 26-29 (14-15) со што го обезбеди првото место во групата Б. Македонија цели 35 минути беше рамноправен противник имајки и позитива од четири голови, но периодот од десет минути без постигнат гол (37 до 47 минута) во кој Хрватска дојде до највисоките +5,(17-22) беше клучен за победникот на овој натпревар.

Македонија-Хрватска 26-29 (14-15)

Нашата репрезентација фуриозно го започна натпреварот и по петнаесетина минути игра имавме водство од +4, 9-5. Капитенот Лазаров одлично го започна натпреварот, Ристовски беше одличен на голот а Манасков во контра нападите, што претставуваше аларм за Голужа веќе во 15 минута да го повика првиот тајм аут. Со тоа и дефинитивно беше прекината серијата на нашата репрезентација. Хрватска многу брзо одговори и за само три минути успеа да направи серија од 4-0 за 9-9 во 18 минута. Најголеми главоболки во тие моменти а и во текот на целото прво полувреме ни правеше Иван Чупиќ (постигна 7 гола). И покрај се, “црвено-жолтите” собраа сили повторно да се вратат во игра и со стрплива игра повторно го превземаа водството. Се разигра Наумче Мојсовски кој со своите два гола во серија повторно ја доведе нашата репрезентација на +2, 13-11 на пет минути до крајот на првиот дел. Во тие моменти имавме можност и да го зголемиме водството, имавме и играч повеќе на теренот, но Никола Марковски промаши две зицер ситуации. Хрватите тоа го искористија и со головите на Чупиќ, Карачиќ и Муса по втор пат на натпреварот го превзедоа водството, 13-14. Лазаров со својот трет погодок од три обиди израмни на 14-14, а точка на првиот дел со својот седми погодок стави Чупиќ за конечни 14-15 во корист на Хрватска.

stole
Стојанче Стоилов

 

Лазаров со прецизен удар од седум метри го отвори второто полувреме за 15-15. До 35 минута успевавме да одржуваме егал, по што следуваше пад во играта на нашата репрезентација. Цели 10 минути не успеавме да постигнеме погодок, момент во кој хрватите направија серија од 5-0 за високи 17-22 во 47 минута.До крајот на натпреварот нашите момци се обидуваа да се вратат во игра, и со голот на Никола Марковски успеаа да стигнат на -2, 22-24 на седум минути до крајот. Сепак со големото искуство кое го имаат на големите ракометни натпреварувања Хрватите успееа рутински да го приведат натпреварот до самиот крај.Копљар со својот трет погодок повторно ја доведе Хрватска на нови четири голови позитива, 22-26. Точка на натпреварот стави Филип Лазаров по извонредниот цепелин со Кире Лазаров за конечни 26-29.
Најпрецизен во нашата репрезентација беше Лазаров со 7 гола. На спротивната страна незадржлив беше Иван Чупиќ со 9 погодоци.

По овој пораз нашата репрезентација ги изгуби шансите за првата позиција на табелата, и сега останува во директниот дуел со Австрија во последното коло да се избориме за втората позиција која ќе ни донесе условно полесен противник во осминафиналето.