Прво па машко: Петровски и Дабас победнички стартуваа во унгарскиот шампионат

Тимот на Дабас, каде од сезонава игра и македонскиот интернационалец Михаил Петровски, со победа на гостински терен ја стартуваше новата сезона во унгарскиот шампионат. Дабас славеше со 24:25 над Комлои, а десниот бек од Битола ќе остане запишан во историјата на клубот, како ракометар што го постигна првиот гол за тимот кој првпат се натпреварува во најквалитетната унгарска конкуренција.

До крајот тој постигна уште 3 голови, вкупно 4, и беше една од централните фигури на теренот. Иако домашниот тим имаше шанса да стигне до бод, сепак искусниот Игор Марковиќ, кој своевремено беше дел од Ловќен, не погоди од пенал и победата ја однесоа гостите од предрагието на Будимпешта. Во следното коло Дабас ќе игра дома со Балатонфуреди, каде Петровски ги мина последните две сезони.