Се знае кој е газда во Битола: Пелистер го декласираше Е.Работник

Ракометарите на Пелистер ја продолжија победничката серија во Суперлигата, откако славеа над градскиот ривал Еурофарм Работник со 17:25 и да не беше киксот во првото коло со Радовиш ќе имаа максимален биланс. За „сино-белите“ пак ова е втор неуспех по загубениот натпревар со Пролет, a прв пораз за новиот тренер Илија Темелковски.

По почетните 2:2, условно гостите на овој натпревар направија серија од 3 голови преку Орјоникидзе и Митиќ за 2:5. Не беа одбраните толку во главна улога во овие моменти, колку што актерите на теренот шутираа или покрај головите или во пречките, односно стативите на Ивановски и Рајичиќ, па имаше 9 голови со 21 минута, 3:6.

Темелковски проба со новото грузиско засилување на десен бек, Мсквилидѕе, но не одеше, па го пушти и Пецаковски, кој покажа дека не заборавил да игра во напад и беше стрелец на головите за 5:6. Сепак избраниците на Алушевски не попуштаа и стигнаа д највисоки плус 4, 5:9. До крајот на полувремето беа постигнати уште вкупно 3 голови, за 7:10.

Во вториот дел стрелеците беа порасположени за голови, но се чини клучниот период на мечот се случи до 45 минута, кога Пелистер се одлепи на плус 6, 11:17, а домашните немаа сили да се борат за пресврт. Шанса доби и новото голманско засилување од Украина, Умовиц, но ниту тој не можеше да ги запре расположените пелистерци.

Како натпреварот се ближеше кон крајот, така и Пелистер го зголемуваше водството, а ракометарите на Е. Работник тонеа се повеќе и повеќе во своите грешки. Имаа момците на Алушевски и плус 8 во повеќе наврати а дуелот заврши со конечни 17:25. Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Темо Орјоникидзе со 12 голови, додека Чантурија даде 3. Кај Е. Работник по 4 голови дадоа Ојлески и Дрогришки.