Прволигашите добија рок од РФМ – до 31 јули треба да се пријават за настап

Откако беше ставен крај на непријатната епизода што му закануваше на македонскиот ракомет (да нема Прва лига), Ракометната федерација на Македонија им даде рок на прволигашите да се пријават за настап во лигата до 31 јули.

Клубовите треба да имаат комплетна документација:

  • Пријава за учество во лига со потпис и печат од овластено лице на клубот
  • Решение за вршење дејност спорт издадено од Агенција за млади и спорт
  • Тековна состојба од централен регистар, не постара од 6 месеци

Пред десетина дена имаше средба во Агенцијата за Млади и Спорт, на која беа присутни претставници од повеќе прволигашки клубови, директорот на АМС – Дарко Каевски, како и претседателот и генералниот секретар на РФМ – Живко Мукаетов и Филип Милошевски.

Фондот за ваучерите ќе се зголеми, но во меѓувреме треба да се изгласа Законот, па целата процедура би требало да биде завршена до крајот на август и сите екипи да добијат ваучери во износ од 30.000 до 40.000 евра. Прволигашите ги добија сите гаранции, па се обврзаа дека ќе ги пријават учествата во Првата лига.

Најавениот почеток на 7 или 8 септември, ќе биде пролонгиран за една или две седмици, додека АМС да ги достави ветените ваучери. Прволигашите добија ветување од РФМ, дека доколку не ги добијат ваучерите до предвидениот термин, дури и да не играат односно да не го започнат натпреварувањето, нема да сносат последици поради тоа.

Ако трите инволвирани страни го направат тоа што го ветија во предвидениот рок, нема да има проблеми, и би требало одново да бидеме сведоци на драматични и квалитетни натпревари во Првата лига, која ќе биде збогатена со неколку нови екипи.