Првиот тест положен: Вардар е подготвен да ја изненади Европа!

Прекрасна вечер во Скопје. Во натпреварот на неделата од третото коло на Лигата на шампионите, македонскиот вице-шампион Вардар го пречека германскиот вице-првак Рајн Некар Ловен во преполната арена “Јане Сандански” во Скопје. По вечерашниот дуел кој заврши со победа на Вардар од 28-25, четата на Раул Гонзалес ја најави кандитатурата за врвот на европската ракометна елита.

Цврстиот и неизвесен натпревар го одбележа фантастичното второ полувреме на “црвено-црните” кое го добија со три разлика за трета победа по почетните три кола во групата Ц, но многу значајна во борба за подобра позиција на табелата пред дуелите во осминафиналната фаза.

Натпреварот започна во одлична атмосфера, а за тоа се погрижи Игор Карачиќ кој со два погодока ја вжешти веќе загреаната скопска публика. На Рајн Некар му беа потребни само две минути да ја анулираат предноста, а капитенот Уве Генсхаимер ги доведе гостите во предност за прв пат на натпреварот. Грецки ги постави највисоките два гола разлика, а резултатската нишалка на крај на првиот дел ги одведе двете екипи на пауза со нерешен резултат, 13-13.

Во второто полувреме, бодрени од френетичната публика, вардарци започнаа со одлична серија од 5-0, по првите 10 минути. Советите на Николај Јакобсен не вродија со плод, како во првиот дел, па Вардар продолжи со одличната игра. Сергеј Горбок на 10 минути пред крај на натпреварот, со два гола едноподруго ги постави највисоките седум голови предност за домаќините, 25-18.  Германците се обидоа да ја наметна својата препознатлива „run & gun“ игра, во последните пет минути од натпреварот. При резултат 28-22 во 58 минута, кога „вардарци“ веќе ја прославуваа првата голема победа, германците го искористија моментот и со двата гола на Мирхол и последниот на Грецки го намалија резултатот на 28-25.

Брумен со 6, Карачиќ и Душебаев со 5 голови го предводеа нападот на Вардар, додека Петерсен постигна 7 погодоци за својот тим.

Во следното коло Вардар гостува во Франција, а домаќин е екипата на Монпелје. Рајн Некар ќе има полесна задача против Чековски Медведи да ги заборави двата порази во Лигата на шампионите.