Првиот дерби дуел без победник: Работник и Охрид со поделба на пленот

Мечот кој важеше како дерби дуел на 2. коло од Супер машката лига заврши со поделба на пленот откако претендентите за првото место во овој дел од шампионатот ги поделија бодовите. Еурофарм Работник и Охрид одиграа нерешено 21:21 во Битола и на тој начин покажаа дека во моментов се близу според квалитет.

И двете екипи добија по едно полувреме. Охриѓани ја имаа играта за победа во првите 30 минути и успеаја да се изборат за голема предност. Водеа со 14:10, но после одморот работите се изменија.

Во второто полувреме ракометарите на домаќинот почнаа да играат далеку подобро во одбрната. Ги затворија приодите кон голот, а тоа резултираше со само седум примени гола што воедно значеше дека Еурофарм Работник има шанса и за победа.

При 21:21 до крајот останаа околу три минути. Шанса за триумф имаше и на двете страни. И Работник и Охрид имаа по два напади, но немаше реализација, па остана и двата тима да се задоволат со по еден поен.

Инаку, за битолчани ова беше прв меч сезонава, додека Охрид после победата над Вардар јуниор сега додаде уште еден бод и во моментов со четири поени е лидер на табелата во Супер лигата.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК – ОХРИД         21:21 (10:14)

Сала: „Младост“ во Битола. Судии: Димитар и Дејан Георгиевски од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Чаневски, Ивановски, Пуплиевски, Ојлески 8, Трајковски 2, Петровски, Пецаковски, Талевски, Чурлевски, Христовски, Каковски, Мојсоски 1, Мемиќ 1, Кукоски, Крстевски 2, Мајнов 4

Седмерци: 5/8, Исклучувања: 6 мин.

ОХРИД: Трајкоски, Стојаноски, Андоноски 4, Ивановски, Младеновски 1, Блажески 7, Костов, Ристески, Бирдахиќ 1, Спасовски, Тасески 1, Андоновски, Адамовиќ 3, Кежиќ, Димитриески, Кљајиќ 4

Седмерци: 4/4, Исклучувања: 18 мин.