Прва СЕХА победа за тимот од Автокоманда: Татран не можеше против расположениот Металург

Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ македонскиот вицепрвак Металург беше домаќин на Татран Прешов. Одличното издание на составот од Автокоманда им обезбеди прва победа во заостанатиот дуел од второто коло во СЕХА лигата. Металург по воведните три порази против Вардар, Веспрем и Мешков, одигра на високо ниво и докажа дека нема да биде статист во Б-дивизијата на Лигата на шампионите.

mettat-2

Дарко Арсиќ беше човекот кој ги одбележа првите 15 минути. Одличниот српски голман и бројните грешки во нападот на словачките шампиони им овозможија на металурзите предност од седум погодоци по првите 17 минути (10-3 18′ Талески). Во финишот на првиот дел, ракометарите на Татран Прешов се обидоа да се вратат во игра и успеаа да создадат серија од четири погодоци во низа, на која одговорија Велковски и Талески за конечни 14-9 по првите триесет минути.

mettat-4

Металург со исто темпо продолжи и во вториот дел. Обрадовиќ и Костески ја вратија највисоката разлика од првиот дел, а Талевски во 38-та минута беше прецизен за највисоките +8 (19-11). Кога веќе сите ја видоа убедливата победа на македонскиот состав, во 40-та минута серија грешки и непрецизни удари ги чинеа ракометарите на Металург шест погодоци. Татран постепено ја топеше предноста, а серијата од четири погодоци во 47-та минута ги доведе на три погодоци негатива, 21-18. Следуваше минута пауза која ја побара Лино Червар, а по тајм-аутот Металург успеа да ја врати високата предност од шест погодоци (25-19, Костески 49′). По одиграните шеесет минути Металург се радуваше на првата СЕХА победа оваа сезона со конечен резултат 27-21.

Следниот натпревар во СЕХА лигата Металург го игра на домашен терен против хрватскиот вицепрвак Нексе.

Металург 27-21 Татран Прешов (14-9)

СТРЕЛЦИ

Металург: Младеновиќ 2, Обрадовиќ 6, Талески 7, Драгаш 2, Велковски 1, Брајовиќ 2, Пешевски 2, Марчец 1, Костески 2, Петров 1

Татран Прешов: Рабек 5, Хрстка 7, Садови 2, Урбан 2,Чип 4, Вучко 1