Прва радост за Еурофарм Работник во суперлигашкото друштво

Ракометарите на Еурофарм Работник ја забележаа првата победа во Супер лигата, откако потешко од очекувањата славеа над Охрид во својата сала со минимални 18:17. Иако гостите водеа речиси цел меч, сепак на крајот мораа со наведнати глави да си заминат од Битола.

Мароканецот Ашраф погоди за водство на домашните на стартот, но потоа се беше во знакот на гостите. Кобетиќ и Младеновски погодуваа од бековските позиции во голот на Чаневски и Арсиќ, па охриѓани заминаа на пауза со предност од 10:8.

На стартот на вториот дел избраниците на тренерот Андоновски засилија уште повеќе и стигнаа прво до предност од три, а потоа и од четири голови, 10:13, 11:15, 12:16, а при овој резултат промашија и пенал. Тука се појави „црната дупка“ во гостинскиот тим, кои цели 13 минути не успеаа да постигнат гол.

Стефан Талевски и Серхио Барош погодија набрзина за 15:16, а Златко Мојсовски стрелаше за нерешени 16:16. Во финишот беше најинтересно, кога Кежиќ му донесе предност на Охрид со 17:16, но најискусните во домашниот тим, Мојсоски и Филиќ, се покажаа кога најмногу требаше и со два гола во една минута за 18:17 ја донесоа посакуваната деби победа за Еурофарм Работник.

Во домашниот тим се истакна португалското лево крило Серхио Барош со 6 голови, додека Чурлевски и Мојсоски дадоа по 3. Кај Охрид најрасположени беа хрватските интернационалци Кобетиќ со 5 и Кежиќ со 4 голови.