Прва „меч-топка“ за нова титула на Вардар

На три кола до крај на плеј-офот во првенството на Македонија, ракометарите на Вардар ја имаат првата „меч-топка“ за освојување на 13. титула. Противник на вардарци е тимот на Еурофарм Работник.

Мечот со битолскиот тим се игра денеска во 18:00 часот во СЦ „Јане Сандански“. Со триумф против Еурофарм Работник вардарци и теоретски ќе ја потврдат титулата.

На првиот меѓусебен натпревар во Битола триумфираа момците на Парондо со 30-28. Со потврдата на титулата ќе стигне и пехарот за рекордниот триумф во првенството и ќе бидат доделени медалите.

Вардарци сега имаат 21 бод од седум натпревари, три повеќе од Еурофарм Работник и шест од Металург. Влезот на натпреварот Вардар – Еурофарм Работник е бесплатен.