ППД ЗАГРЕБ ГО ДЕМОЛИРАШЕ КИЛ ПРЕД СВОИТЕ НАВИВАЧИ

Во најинтересниот натпревар од денешната програма на ЕХФ Велукс Лигата на шампионите во Загреб екипата на ППД Загреб повторно успеа да го совлада Кил со резултат 29-22(13-11). Клучен на натпреварот беше последниот период, во кој загрепчани успеаа да направат неверојатна серија од 11-2 со која буквално го одувааа Кил и на фантастичен начин ја отворија новата сезона во Лигата на шампионите. .

Кил одлично го отвори натпреварот и со головите на Дамке и Рене Тофт Хансен поведе со 0-2 по пет минути игра. Цели шест минути им беа потребни на загрепчани преку Лука Степанчиќ да го постигнат првиот гол на натпреварот а Павловиќ го израмни резултатот во 7. минута. Во средината на првиот дел следуваше одличен период за момците на Веселин Вујовиќ кои стегнаа во одбраната, а во нападот преку преку расположениот Павловиќ и со првиот гол на Хорват стигнаа до највисоки +3, 8-5 во 16.минута. Меѓутоа следуваше црн период во играта на ППД Загреб во кој цели осум минути не успеаа да постигнат погодок а германците одговорија со 5-0 серија која комплетно го сврте резултатот овојпат за +2 во корист на Кил за 8-10 во 23.минута. Сепак загрепчани смогнаа сили и со помош на своите навивачи и пред се на одличниот Лука Степанчиќ кој ги постигна последните два гола во првиот дел заминаа со предност од 13-11.

Само девет минути од вториот дел му беа потребни на германскиот шампион кој преку расположениот Шпренгер повторно го превзема водството 16-17. Во продолжението и двата тима наизменично се менуваа во водство кое не изнесуваше повеќе од два голови предност. Последниот удар на натпреварот го зададе ППД Загреб кој при негатива од 18-20 во 44. минута успеа да направи серија од 11-2 по која германците постигнаа само два погодока во последните 16 минути од натпреварот.Највисоките + 7, 28-21 ги донесе Обрановиќ во последната минута , а точка на натпреварот стави Лука Степанчиќ со својот шести погодок за конечни 29-22.

Најпрецизни во екипата на ППД Загреб беа Степанчиќ и Хорват со шест постигнати погодоци, а на спротивната страна младиот Дамке постигна осум.

photo: EHF