По 16 години повторно во Лигата на шампионите: Спортинг Лисабон е последниот противник на Металург

Португалскиот шампион Спортинг Лисабон по неизвесно и драматично финале на квалификацискиот турнир за влез во Лигата на шампионите го обезбеди последното место меѓу ракометната елита. Спортинг по продолженија беше поуспешен од Алпла Хард и со 34-35(17-17, 29-29) го обезбеди последниот билет за групата Д.

Австрискиот шампион имаше предност од три голови на почетокот на натпреварот но не успеа до крај да ја задржи контролата над играта. Во 45. минута искусниот Фелипе Боргас ја круниса низата од 5 погодоци со прво водство за тимот на Спортинг, а покрај повредата одличниот хрватски голман Матеј Ашанин имаше свој ден и ја одведе португалската екипа во Лигата на шампионите. Најпрво Божовиќ имаше шанса пред истекот на шеесете минути да ја однесе победата во Лисабон, но обидот беше неуспешен, а натпреварот решен во продолженија. Во последната минута Спортинг преку Френкис Карол дојде до гол предност, а последниот напад за Алпла заврши во голманот Ашанин за конечна победа на Португалците.

После сезоната 2001/2002 Спортинг Лисабон повторно ќе настапи во групната фаза од Лигата на шампионите. Во рамките на група Д ќе се соочи со македонскиот вицепрвак Металург, француски Монпелје, турски Бешикташ, украински Мотор Запорожје и руски Чековски Медведи. Натпреварите започнуваат на средина на септември.