По состанокот со играчите: Многу прашања, еден заклучок-Вардар ќе има!

Нема ништо ново кога во прашање е иднината на Вардар. Ниту по вчерашниот состанок не се разрешија дилемите околу тоа кој ќе го превземе раководењето со македонскиот бренд и ракометарите кои имаат актуелни договори.

Неделното попладне беше возбудливо за „црвено-црните“ бидејќи конечно по недели исчекување седнаа на иста маса со почесниот и актуелниот претседател на клубот. Сергеј Самсоненко на едната и Михајло Михајловски на спротивната страна ги изнесоа своите аргументи пред ракометарите на Вардар. За оние кои ќе заминат сезонава главно прашање се неисплатените месечни надоместоци, за оние кои имаат желба да останат во клубот најважни се гаранциите дека нема да се промени ништо па дури и да се „смени“ раководната структура на клубот. Многу прашања сè уште остануваат без конкретен одговор, а меѓу нив и она најважното кој ќе биде „газда“ на ракометниот бренд Вардар.

Сопственикот и претседател на РК Вардар, рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко по официјалното соопштение за повлекување од клубот во изминативе три недели го променил мислењето, па сега расположен е своето заминување да го одложи за една сезона. Тоа значи дека би им ги испочитувал договорите на оние ракометари кои потпишале со управата на клубот, додека тој бил претседател. На спротивната страна почесниот претседател Михајло Михајловски со поддршка на неколку големи компании сака чисти сметки за превземање на клубот. Иако „условно“ новата управа би била подготвена да го превземе веднаш клубот, сепак главното прашање се условите на ракометарите кои ги имале досега, а би можеле да бидат големо оптеретување во новиот буџет на клубот.

За сега работите остануваат како што беа и пред фамозното соопштение на претседателот Сергеј Самсоненко на 19 април. Вардар ќе продолжи да живее под водство на Русинот, ракометарите имаат одврзани раце да си заминат ако најдат подобри услови во друг клуб, а македонскиот шампион ќе одигра најмалку уште една сезона со квалитетен состав.

Пред состанокот во разговор за 24Ракомет некогашниот спонзор на Вардар, а сега почесен претседател Михајло Михајловски кратко прокоментира: „Правиме напори за да го спасиме Вардар“. Вардар ќе постои и наредната сезона, без разлика дали ќе се промени управувачката структура. Најавите се дека повторно ќе аплицира за Лигата на шампионите, а тоа е секако охрабрувачка вест за вардаровите фанови.

За сега од клубот потврдени се заминувањата на Игор Карачиќ, Рожерио Мораеш, Димитриј Кисељов, Глеб Калараш и последен во низата е одличниот српски голман Дејан Милосављев. Вардар наредната сезона ќе продолжи со Скубе, Дисингер, Криштопанс, Стоилов, Дибиров, Шишкарев, Недановски, Поповски и Горбок. Сепак постои можност за дополнителни заминувања на актуелните ракометари кои имаат одврзани раце да заминат од клубот. Најави за нови засилувања има, но се далеку поскромни од бомбастичните имиња кои ги красеа насловите во изминативе пет години.