По скалпот на „фуријата“: Младинците на мегдан со Душебаев и Шпанија

Македонската младинска репрезентација по поразот од Тунис и по еден ден одмор влегува во првата од двете клучни битки за осминафиналето на Мундијалот во Алжир. Противник не е било кој, туку Шпанија, репрезентација која има четири сребра од младинските светски првенства, но дојде во Алжир по златото.

Шпанија досега забележа три победи, над Бразил, Русија и Буркина Фасо и од првото место доаѓа на мегдан со Македонија, со обезбеден пласман во следната фаза. Oд друга страна, нашите младинци мораат да одат на победа, иако ќе си имаат работа со силен противник. Но, сениорите покажаа дека можат да се носат со „фуријата“, сега на ред се и младинците.

Главни играчи во шпанската селекција се левите бекови Даниел Душебаев и Хозе Марија Маркез, иако двајцата не се меѓу најдобрите стрелци. Најефикасни во досегашниот дел од шампионатот се двете десни крила Алеикс Гомез со 20 и Каулди Одриозола со 19 голови, па одбраната на нашата репрезентација ќе треба добро да ги затвори овие ракометари.

Во македонскиот состав нема да биде казнетиот Томи Јагуриновски, а Мице Шилегов и Мартин Велковски ќе мораат комплетно да ја покријата нашата десна страна. Мечот меѓу Македонија и Шпанија се игра со почеток во 19 часот.