Почна да игра Циндриќ, почна и Келце да победува

Филип Талески и Рајн Некар немаа добро гостувањето во Полска и овој тим претрпе пораз од 32:35 на гостувањето кај Келце. Шампионот на Полска конечно го виде квалитетот на Лука Циндриќ на дело и успеа да се избори за првите бодови сезонава откако репрезентативецот на Хрватска и поранешен играч на Вардар го водеше тимот до одличен резултат.

Поради повреда Циндриќ не беше во можност да игра од стартот на сезоната, а најавите беа дека ќе паузира уште недела до две. Сепак, докторите го оспособија и тој денеска во победата од 35:32 беше еден од подобрите во редовите на Келце. Циндриќ постигна пет гола, а толку имаше и Алекс Душебаев. Поранешниот тандем на Вардар со ова го однесе Келце до триумф.

За Рајн Некар, Филип Талески немаше погодоци, а таму најефикасен беше Шмид со девет гола. Седумпати прецизен беше Петерсон.

Келце следната недела гостува кај Монпелје, додека Рајн Некар в среда го пречекува Мешков Брест.