Почетен пораз за младинците на ЕП во Данска

Македонската младинска репрезентација со пораз го отвори Европското првенство во Данска. Норвешка беше пресилен противник за македонските младинци кои имаа проблеми во организација на нападот и многу често преку контранапади и брза транзиција беа матирани од брзите ракометари на Норвешка.

Одлично започна мечот за нашите младинци, Велковски и Кузмановски го обезбедија почетното водство за Македонија од 2-0, но потоа следуваше црн период за македонскиот состав во кој со серија од пет погодоци во низа Норвешка го превзема водството и котролата над играта. До 20-та минута Норвежаните имаа пет погодоци предност која во динамичен и хаотичен финиш на првиот дел остана непроменета за конечни 12-7 по првите триесет минути.

Сивилото во играта на македонскиот состав продолжи и во вториот дел, а македонскиот напад мораше да се засили со уште еден ракометар на сметка на голманот, за Неловски во 37та минута конечно да го постигне првиот гол за Македонија во второто полувреме. Избраниците на Јовиќ до 41 минута успеаа да ја нормализираат играта и да ја вратат разликата со која заминаа на полувреме, но наместо комплетно да се вратат во игра, младите македонски репрезентативци дозволија Норвешка да ја достигне својата највисока предност од осум погодоци во 45-та минута (20-12).

Комплетната доминација на овој натпревар Норвежаните ја заокружија со првата двоцифрена предност во 52-та минута (25-15) што значеше крај за македонските надежи. До формалниот крај на натпреварот, Македонија намали голем дел од високото водство на противникот, но Норвешка ја прослави првата победа со конечни 27-24.

Утре со почеток од 20:00 Македонија го игра својот втор натпревар на Европското првенство против домаќинот, репрезентацијата на Данска.