После седум години титулата се врати во Автокоманда

Ракометарките на Металург не дозволија изненадување во последното коло од сезоната во Женската лига и со победа од 32:18 против Стружанка дојдоа до титулата. Со ова шампионскиот трофеј се враќа во Автокоманда после седум години, а ова е четвртата круна за Металург.

Металург имаше хет-трик од 2010 до 2012 година, а потоа следуваа шест сезони во кои Вардар беше шампион. Сепак, годинава Металург покажа најмногу на теренот и успеа да дојде до круната иако до последното коло не беше познато кој тим ќе дојде до титулата бидејќи и Куманово имаше свои шанси.

На средбата против Стружанка на тимот на Металург му беше потребен барем еден поен за да може да дојде до титулата, а откако 30 минути имаше надигрување и неизвесност во второто полувреме сè мина во знакот на домашните.

Првото полувреме донесе неизвесност во која и Стружанка имаше свои моменти. Гостинките успеаја после почетната неизвесност да се изборат и за предност и после 25 минути да бидат во водство. Имаа гол предност и водеа со 9:8 и 10:9, но потоа во завршницата на првото полувреме Металург успеа да го сврти резултатот и на одмор да замине со гол позитива од 12:11.

Второто полувреме беше решено многу рано. Со многу побрза игра, екипата на Металург најчесто преку контрите на Граматова и шутевите од далечина на Гичевска го зголемуваа водството. Предноста растеше постојано така што рано дојде до двоцифрена разлика која на крајот беше и повеќе од доволна за да се слави 4. круна.

МЕТАЛУРГ – СТРУЖАНКА       32:18 (12:11)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Марија Илиева и Силвана Карбеска од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

МЕТАЛУРГ: Илјаз, Гугуљанова 2, Ивановска, Ѓорѓиевска, Гулицовска, Тасевска 2, Смајлоска, Алексоска 1, Темелковска 1, Дамчевска, Калајџиевска 6, Граматова 10, Стефановска, Гајиќ, Гичевска 10, Паскал.

Седмерци: 3/4, Исклучувања:

СТРУЖАНКА: Митоска, Ристоска, Јовичинац 2, Маркоска 2, Јованоска 7, Дурацоска, Јоноска, Затуроска, Јусуфи, Балоска, Дукоска, Петреска 1, Делиоска 6.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 4 мин.