Поранешните ракометари на Охрид ја бараа правдата преку социјалните мрежи

Дека не цветаат рози во некогаш амбициозниот состав на Охрид можеше да се забележи веќе кон крајот на минатата сезона. Охриѓани завршија како третопласирани во регуларниот тек на првенството, но лошите игри во плеј-оф фазата покажаа дека оркестарот на Андоновски е раштиман. Проблемите излегоа на виделина по завршување на шампионатот. Амбициите на тренерот за излез во Европа на една од постабилните ракометни екипи во Македонија, неочекувано не наидоа на поддршка од управата на клубот. Андоновски замина од функцијата, но покажа дека Охрид кубури со финансиите. Се редеа оставки и ракометари кои заминуваат од клубот, а кулминација на сето тоа беше постот на еден од најдобрите поединци во Охрид напишан на социјалната мрежа „фејсбук“.

ohrprob

Дарко Павловиќ веќе пронајде своја нова ракометна дестинација, но проблемите со стариот клуб мораше да ги изнесе пред сите ракометни фанови, по неуспешните обиди да стапи во контакт со некој од одговорните лица.

„Дали е избрана нова управа, на кого да му се обратиме за заостанатите долгови и наши исписници????? Срамота е веќе никој да не се јавува и прави луд!!!!“– запраша Павловиќ на фејсбук, по што единствено одговор доби од својот поранешен клупски колега Иван Стојановиќ кој го започна својот пост со реченицата „Многу прашања, а одговори нема…“

Охрид започна со регрупирање за наредната сезона, навидум се подобрува атмосферата кај суперлигашот, тренерот Андоновски неофицијално се вратил во клубот, а управата започнала со потрага по нови засилувања. Сепак поучени од минатогодишното искуство и општата состојба на ракометот во Македонија, тенка е линијата Охрид да го следи патот на Макс Струмица и Работнички, па од наредната сезона младинските погони да бидат во преден план. Едно е сигурно Охрид од септември ќе добие комплетно нов лик.

Во меѓувреме речиси целата прва постава замина од Охрид, Павловиќ потпиша за италијанскиот клуб Мало, додека Иван Стојановиќ ќе настапува во италијанската екипа Албатросо. Од минатогодишниот состав нови клупски средини пронајдоа Горан Печенковски (Металург), Иван Тасески (Пелистер) и Кирил Колев (Пелистер).