Поранешна вардарка поради конфликт со тренерот раскина договор

Алисон Пино има многу проблеми да најде клуб каде што ќе се задржи подолго време. Таа дел од својата кариера ја помина во Вардар, но претстојот во Скопје траеше кратко. Таа од сегашниот клуб Брест се сели во конкурентот од домашното првенство Париз 92.

Средниот бек не настапува за екипата на Брест од март сезонава, па ракометарката и управата го раскинаа договорот кој важеше до 2021 година. Главна причина за тоа е конфликтот со тренерот на Брест, Лоран Безо. Алисон Пино потврди дека кариерата ќе ја продолжи во Париз 92 и прв пат после долго време се обрати на новинарите за ситуацијата во Брест.

„Ова е неправда, но јас нема да се расправам. Велат дека формирам група против тренерот иако многумина ќе бидат изненадени кога ќе се отркие вистината. Ја преземам целата одговорност бидејќи и кога си замина капитенот на екипата рече дека голем број на играчи се против тренерот. Велат дека не играв затоа што не сум доволно подготвена, но јас бев во добра форма. Ме обвинуваа дека платата ми е превисока, но јас не ја побарав. Минатата година кога сакав да го напуштам клубот ми понудија договор што не можев да го одбијам. Ова беше најлошата сезона во мојата кариера, но јас ќе продолжам да играм во Париз 92. За оваа одлука добив поддршка и од тренерите во француската репрезентација каде што сум 12 години. Тоа ме прави среќна“, изјави Пино.