Поранешната вардарка предвреме во пензија? Хмирова ја прекинува кариерата на 29 години!

Руската репрезентативка Татјана Хмирова одлучи да ја прекине својата кариера заради здравствени причини. Таа последната сезона ја одигра во унгарскиот клуб Шиофок со кој го освои ЕХФ Купот.

Долгогодишната ракометарка на Вардар која играше во Скопје од 2013 до 2018 година одлучи да прекине со активно играње ракомет како последица на повредите со кои се мачеше сезонава. Таа речиси целата сезона имаше проблеми со глуждот и коленото и барем засега ќе биде надвор од терените.

Хмирова за својата одлука го известила својот клуб пред финалето во ЕХФ Купот. Од клубот ја разбираат нејзината одлука и ја поддржуваат со желби за наскоро целосно закрепнување од повредите. Неизвесно е дали ова ќе биде конечен крај на кариерата на 29-годишната ракометарка или по целосно опоравување од повредите повторно ќе се врати на ракометот.

Хмирова својата кариера ја започна во Динамо Волгоград, потоа премина во Вардар од каде се пресели во Шиофок со кој во првата сезона стигна до европски трофеј. За репрезентацијата на Русија има одиграно 58 натпревари и постигнато 182 гола.