Пораз со победнички сјај за вардарки на гостувањето во Ларвик

Ракометарките на ЖРК Вардар на гостувањето во Норвешка беа поразени од Ларвик со 28-26 (11-13), но поради високата победа од +14 на првиот натпревар сосема заслужено патуваат на фајнл-фор турнирот во Будимпешта. Амандин Лејно повторно правеше чуда на вардаровиот гол и со 17 интервенции беше една од најзаслужните за пласманот на Вардар на фајнл-фор турнирот во Будимпешта.

Ларвик-ЖРК Вардар 28-26 (11-13)

Вардарки помалку опуштено влегоа во натпреварот што резултираше со голем број на технички грешки кои домашната екипа знаеше како да ги казни. По седум минути игра Ларвик имаше водство од 4-1, што беше доволен знак за клупата на Вардар да повика тајм-аут. Тоа како да го разбуди македонскиот шампион, кој повторно во своите редови ја имаше одличната Лејно. Французинката собра пет одбрани за девет минути игра, подвижната одбрана ги затвори сите приоди кон голот, а по серијата од 5-0 вардарки го свртеа резултатот поведувајки со +2, (4-6) на средината на првиот дел.Лејно продолжи да царува на својот гол стигнувајки до фантастични 11 интервенции, вардарки играа ефикасно во нападот, а Андреа Пенезиќ со својот трет погодок го донесе својот тим на највисоки +3, (10-13) на две минути до крајот на првиот дел. Во последните секунди Гро Хамерсен Един погоди од линијата за шест метри, со што ги постави конечните 11-13 на полувреме.

Со головите на Морк и Куртовиќ, Ларвик израмни на 13-13 по две минути игра во вториот дел. Играта гол за гол траеше до 38.минута кога норвешкиот шампион благодарение на расположената Теа Морк направи серија од 3-0 за водство од 19-16. До крајот во една мирна игра, норвежанките успеаа да стигнат до највисоко водство од +4, (24-20). Последниот гол на натпреварот беше дело на Радичевиќ за конечни 28-26, и трето учество по ред на фајнл-фор турнирот за македонскиот шампион.

Најпрецизни во редовите на македонскиот шампион беше Радичевиќ со 7, а Лазовиќ и Пенезиќ постигнаа 5 постигнати погодоци. Амандин Лејно имаше уште еден одличен натпревар во кој забележа 17 интервенции. Во екипата на Ларвик расположени за игра беа Теа и Нора Морк кои имаа 7 односно 5 реализации.

Со овој фантастичен тримф во двомечот против Ларвик, вардарки ја очекуваат ждрепката на 15 април, по која ќе го дознаат противникот во полуфиналето на фајнл-фор турнирот во Будимпешта.