Пораз на Металург во Белорусија

РК Металург го запиша својот втор пораз во Лига на шампионите откако загуби на гостувањето во Белорусија од Брест Мешков со 28 : 24 ( 12 : 10).  Без Дарко Станиќ, Ренато Вугринец и Павел Атман Металург нервозно го започна натпреварот и веќе во 15 минута имаше негатива од 8 -3. Се разиграа Лука Циндриќ и Филип Миркуловски, одбраната беше на ниво па сето тоа вроди со плод. Во текот на 20-та минута црвен картон доби Растко Стојковиќ од Брест Мешков и Дејан Манасков од Металург. По 30 минути игра резултатот во спортската сала “Викторија” гласеше 12 : 10 за белорускиот тим.

Во вториот дел ракометарите на Металург пропуштија неколку ситуации да го израмнат резултатот. Брест Мешков во последните десет минути ја искористи декоцентрацијата на македонскиот шампион и започна да ја зголемува својата предност. Разликата од шест голови беше намалена на пристојни четири 28 : 24.

Најефикасен во составот на Металург беше Лука Циндриќ со девет погодоци, Филип Миркуловски додаде седум. Во составот на Брест Мешков најефикасен беше Никуленков со пет погодоци.

Во третото коло ракометарите на Металург гостуваат во Загреб против екипата предводена од Веселин Вујовиќ, ППД Загреб.