Пораз за Лазаров и компанија: Барселона не блесна во градот на светлината

Во дербито од групата А во рамките на шестото коло од групната фаза во Лигата на шампионите екипата на ПСЖ ја совлада екипата на Барселона со 32:26 (15:12). Двете екипи се изедначија по бројот на бодови и се на делбата на првото место во групата.

Почетните минути од натпреварот беа во знакот на игра гол за гол, по која домаќините ја преземаа иницијативата за водство од (5:3). Во минутите што следуваа ракометарите на ПСЖ беа во постојано водство, кое Генсхајмер со погодок од линијата за седум метри го зголеми на највисоки плус четири (10:6) на средината на првиот дел. На пет минути пред крајот ракометарите на Барселона успеаја да дојдат до минус еден (11:10), но домаќините направија серија од 4:2 и го завршија првото полувреме со (15:12)

Второто полувреме започна идентично како и првиот дел, со игра гол за гол, домаќините добро го чуваа резултатот. Ракометарите на Барселона играа добра  одбрана во второто полувреме па успеаа да стигнат до негатива од два погодоци (22:20) , но домаќините со серија од 4:1 повторно го зголемија водството (26:21). Следуваше мини серија од 2:1 за Браселона, која стигна до 26:23, но до крајот на натпреварот шпанскиот тим не успеа да ги консолидира своите редови , па „ светците“ од Париз запишаа значајни бодови на своето конто (32:26).

Најефикасен во составот на ПСЖ беше Ремили со 7 погодоци, додека составот на Барселона го предводеше Мем со 5 погодоци, а Кире Лазаров постигна 4 од 8 пенали, додека Борко Ристовски запиша 10 (2 од пенал) успешни интервенции зад своето име.