Поради Шпанците што ќе судат во Сегедин, Самсоненко беше казнет од ЕХФ!

Вардар има одлична залиха од осум голови пред реванш средбата против ПИК Сегед следниот викенд во Унгарија. Арбитри на овој натпревар ќе бидат Шпанците Оскар Рели Лопез и Анхел Сабросо Рамирез.

Токму поради критиките кон нив, по четвртфиналната реванш средба меѓу Вардар и Фленсбург, која можеше да го однесе македонскиот тим во 2014 година на Ф4, финансиерот на Вардар во заминување, Сергеј Самсоненко, беше казнет од страна на Европската ракометна федерација.

„Не можам да кажам кој го организирал судењето, но со сигурност можам да кажам дека судењето кон нас беше некоректно. Мислам дека ние заслуживме да одиме на Ф4 турнирот, а не нашиот противник. Ова тешко може да се докаже, но ние подготвивме видео материјал, кој можете да го погледнете, за да видите дека ова што го кажувам не се само празни зборови. Според мене оваа сезона вакво лошо судење немавме на ниту еден натпревар. Знаеме дека натпреварот заврши, дека Флензбург е на завршниот турнир, но сакаме да покажеме дека лошото судење на натпреварот во Скопје не беше случајно. Немаше да ме боли елиминацијата доколку тоа се случеше на спортски начин. Во спортот се победува и се губи, но кога целата година екипата напорно работи, кога се вложуваа средства и сили, а потоа ќе дојдат двајца луѓе и ќе направат криминал, тогаш преку тоа не можам да го игнорирам. Ова е грев, вака да се суди во град кој има три екипи во Лигата на шампиони, во град и држава кои живеат за ракометот, за клуб кој има два претставника во Лигата на шампиони и за луѓето кои толку љубов и искреност покажуваат кон клубот. Тоа е грев, но сигурен сум дека Господ ќе ги казни тие луѓе кои сето тоа го организирале“, изјави тогаш Самсоненко.

По оваа изјава и по презентираниот видео материјал за грешките на арбитрите, тој заработи казна од 4000 евра од ЕХФ. Според ЕХФ, со изјавите тој ја деградирал Европската куќа на ракометот.

„Ракометниот суд на ЕХФ смета дека забелешките се навредливи и спротивни на почитување и на фер-плеј, дефинирани во правилниците на ЕХФ, како и во Кодексот на однесување потпишан од секој клуб регистриран во ЕХФ“, пишуваше тогаш во соопштението на Европската федерација.

Реванш натпреварот меѓу Вардар и ПИК Сегед, кој ќе го судат токму Рамирез и Лопез, ќе се игра на 5 мај од 19:00 часот.