Помошникот го совлада селекторот на двобој во Прилеп

Вториот дерби дуел во 2. коло од Супер машката лига денеска се одигра во Прилеп каде домашниот состав славеше над Пролет 62 со 29:27. Прилепчани успеаја да се извлечат во второто полувреме откако во првиот дел имаа негатива.

Практично резултатот беше нерешен до финишот на првото полувреме кога гостите набрзина стигнаа до неколку гола во серија и се изборија за серија од 3:0 и поведоа со 13:10. Сепак, домашните намалија и на одмор беше 13:14.

Во второто полувреме Прилеп имаше контрола. Постојано беше во позитива од 2-3 гола разлика така што до самата завршница победата висеше. Гостите игра пресинг во последните минути, но не успеаја да ја неутрализираат разликата, па мораа да потпишат капитулација.

Инаку, ова беше и дуел на тандемот кој работеше со јуниорската селекција и го освои 6. место на Светското првенство во Алжир. Ице Соколески успеа да го совлада селекторот на таа генерација Илија Темелковски, па и овој момент го одбележа овој дуел.

ПРИЛЕП 2010 – ПРОЛЕТ 62         29:27 (13:14)

Сала: СОУ „Ристо Ристески Ричко“ во Прилеп. Гледачи: 100. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

ПРИЛЕП 2010: Јовановски, Ивчески, Ѓорѓиески 1, Петкоски 8, Вешоски 7, Тренчевски 3, Спасевски, Шокоски 1, Амзоски 1, Бозароски, Рајатовски 1, Јанчев 6, Нешкоски, Шајин  1, Јанески

Седмерци: 5/5, Исклучувања: 4 мин.

ПРОЛЕТ 62: Коруновски, Кимевски, Ф. Василевски 3, Аларов 3, Јовчевски 1, Мајнов 4, А. Василевски 2, Ролевски 4, Гроздановски, Трајковски 1, Андоновски 4, Џонов 3, Дамчевски 2, Љубевски, Стојановски, Манасков

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 6 мин.