Полска во трилер натпревар ја совлада Русија

Во натпреварот од групата Д, Полска во еден извонредно возбудлив и неизвесен натпревар ја совлада репрезентацијата на Русија со 26-25 (12-13). Русија го имаше водството во поголемиот дел од натпреварот, но Полјаците во последните десетина минути го имаа искусниот Шмал на голот кој со фантастични интервенции беше еден од најзаслужните за втората победа на Полска на СП.

Полска-Русија 26-25 (12-13)

Слично како и против Германија, русите одлично го стартуваа овој натпревар. Вардаровото дуо Шишкарев-Дибиров потпомогнато од Игропуло и донесе водство на Русија од 1-5 по десет минути игра. Меѓутоа полјаците пред се благодарение на Ројевски успеаа многу брзо да се вратат во игра правејки серија од 5-1 за израмнување на 6-6 во 15 минута. До крајот на првиот дел се играше израмнето, Русија го имаше минималното водство благодарение на одличниот Шишкарев (5 гола во првиот дел), а Полска постојано се враќаше во игра. Ракометарот кој се поврзува со трансфер во Вардар, Александер Деревен со два гола во последните две минути и донесе минимално водство на Русија по триесет минути игра, 12-13.

Rus-Pol Dibirov
Дибиров во акција

Слична игра гледавме и во второто полувреме. Полска преку незадржливиот Ројевски за прв пат дојде до водство од 17-16 во 38 минута. Резултатската клацкалка траеше до 50 минута, кога Сергеј Горбок со два гола иницираше серија од 3-0 доведувајки ја “зборнајата” во водство од +3, 21-24 на осум минути до крајот.Следуваа минути на Полската репрезентација која врати на идентичен начин со 3-0 серија и во последните три минути од натпреварот се влезе со резултат 24-24. Шмал беше несовладлив на голот на Полска. Игропуло и Јурецки погодија на двете страни за 25-25, а Вишњевски беше херојот на Полска кој со својот 3 гол ги постави конечните 26-25 и ја донесе втората победа на својата репрезентација.

Ројевски со 6 голови беше најпрецизен во Полската репрезентација. Во репрезентацијата на Русија, Шишкарев постигна 7, Горбок 5 пати ја затресе противничката мрежа.

Со оваа победа Полска сега има 4 бодови, а Русија останува на двата бода кои ги освои со победата над Саудиска Арабија. Во последниот натпревар од групата Д, од 19:00 часот играат Данска и Германија.